"Госпоѓа Меркел не знаеше ни правилно да држи нож и вилушка. А постојано висеше по некои вечери па стално морав да ѝ кажувам да се прибере".
Ова е една од многуте брутални оценки кои се најавуваат во книгата "Наследство- транскриптите на Хелмут Кол“ која ќе биде промовиран на претстојниот саем на книгата во Франкфурт.
Се темели на преку 600 часа интервјуа направени со неговиот поранешен официјален биограф Херберт Шван со кого ја расипаа соработката уште во 2009-та, кога овој предвреме објавува дел од разговорите со Хелмут Кол па завршуваат на суд.
Кол отворено ѝ се потсмева на неговата поранешна штитеничка која ја обвинува дека подмолно му свртела грб а за Горбачов вели дека е човекот кој сам го срушил комунизмот со што ги минимизира анти-комунистичките напори во некогашна Источна Германија
Според него, распадот на СССР се должел на очајната економска ситуација а не на желбата на Горбачов за реформи.
"Тој ги ѕирнал сметките и сфатил дека не може да го спаси режимот,“ вели Кол.
За Кристијан Вулф, германскиот претседател кој во 2012-та даде оставка по избивањето на еден коруптивен скандал, Хелмут Кол вели дека е "еден голем предавник и уште поголема нула".
Гардијан забележува дека за разлика од неговите претходници Вили Брант и Хелмут Шмит кои имаа космополитски аури, Хелмут Кол заради неговата робусност, приврзаност кон селската германска храна и општата незграпност неретко бил и предмет на потсмев кај Германците и дека неговиот углед во странство бил поголем од оној што го имал дома.