Заспаната Европа месечари кон егзистенцијална криза

Оваа недела беше покрената голема нова иницијатива за спасување на Европа од економска пропаст. Се нарекува Рајнска група - и можеби е најзначајниот предизвик за статус квото на ЕУ после Брегзит. Мисија им е да ја разбудат Европа зашто се убедени дека во спротивно, нема да ја биде. Но, тешко да разбудиш некого кој се преправа дека спие.  

Ко-основачи на групата се Марио Драги - поранешен италијански премиер, екс претседател на Европската централна банка и човекот што ја спаси единствената валута; и Патрик Колисон - Ирец но и извршен директор на Страјп, титан од Силициумската долина.

Им се придружува блескава постава финансиери, индустријалци, академици и други високи личности кои се дел од евро-естаблишментот, но се на мислење дека ако Европа не се извлече од својата економска и политичка летаргија, се движи кон катастрофа. Нивната мисија е да ја разбудат Европа од нејзиниот сон и да извршат притисок за реформи што би ѝ овозможиле да се справи со егзистенцијалните закани кои, во различни форми, доаѓаат од Кина, Русија и САД.

„Ако европската стагнација продолжи, континентот прогресивно ќе ја изгуби можноста да ги финансира основните обврски на модерна држава: одбрана, јавно здравство, пензии, образование, инвестиции во климатските промени и безбедносни мрежи за оние кои ќе ги изгубат своите работни места“, пишуваат тие. 

За тоа не треба многу да убедуваат: факт е дека од 50-те најголеми технолошки компании во светот, само четири се европски.

А обврските се множат. Неодамна Ерменија ја објави својата намера да аплицира за членство во Европската Унија. Меѓу другите последици, ова на ЕУ би ѝ дало граница со Иран, што на евро-фанатици им звучи кул бидејќи ЕУ ја гледаат како штит против руската хегемонија.

„Реално, тоа не е улога што ЕУ може да ја игра. Нема вооружени сили, нема колективно нуклеарно одвраќање и има мала способност да донесува безбедносни одлуки независно од земјите-членки  од кои некои се официјално неутрални или па дури сојузници со Путин. Постои и растечка можност дека најмоќната воена членка - Франција - ова време следната година ќе биде под контрола на Марин Ле Пен“, пишува Питер Френклин.

ЕУ има многу поголема способност да координира и насочува економска политика низ континентот. Но, ако е така, кај се реформите?

Марио Драги им кажа што треба да се направи уште во 2024 година.

Oттогаш напредокот е безначаен.

Она што Драги и неговите колеги не можат да го сфатат е дека Европската Унија - ваква каква што е - е структурно неспособна за радикални промени. Целосно суверена земја како Велика Британија би можела да избере нова влада посветена на темелни реформи, но ЕУ е управувана од разно- разни коалиции. 

Она што можеби ги прави оптимисти беше успехот на Драги за време на кризата во Еврозоната, кога демократските норми беа ефикасно суспендирани, што  ѝ овозможи на Европската централна банка да наметне политика на екстремно штедење врз земји како Ирска, Шпанија и Португалија. Особено брутален пример беше Грција - и покрај нејзината левичарска влада.

Рајнската група можеби се надева дека идната криза би можела повторно да ги принуди политичарите да им се покорат на технократите.

31 август 2026 - 17:59