Вештачката интелигенција води кон техно- феудализам

Во моментов сме на прагот на инверзија: наместо да ја обликуваме технологијата, ние сме обликувани од неа. Наместо општество од родители, комшии и пријатели, би можеле да се откажеме од нашата историска меморија, нашата способност да ги одгледуваме нашите деца и способност да заработуваме за пристоен живот, сè за да служиме на мала технократска елита која и денес тешко се контролира, не па утре - задутре.

Ко-основачот на Гугл, Лари Пејџ, еднаш го обвини Илон Маск дека премногу е загрижен за хомо сапиенсот и неговиот опстанок во ерата на вештачката интелигенција. Слично мисли и ВИ пионерот, Ричард Сатон, кој порача дека е природно она што „најпаметно“ да биде и „најмоќно“.

„Не мислам дека има нешто свето во човечката ДНК“, вели Сатон, па ќе објасни:

„Постојат многу видови - повеќето од нив на крајот изумираат. Во моментов ние сме најинтересниот дел од универзумот. Но, можеби ќе дојде време кога ние повеќе нема да бидеме најинтересните? Можам да го замислам тоа.“

Уште во 1960-тите, футуристи како Мајкл Полањи предвидуваа свет дизајниран од технолози кои би ја правеле новата „Република на науката“.

Ваква визија за иднината не е широко прифатена. Истражувачкиот центар Пју забележува дека процентот на Американци кои позитивно гледаат на вештачката интелигенција се намалил од 18 на 10 проценти од 2021 година, додека процентот на загрижени за нејзините ефекти се зголемил од 37 на 50 проценти. Според едно неодамнешно истражување, повеќе од две третини од младите луѓе ги сметаат водечките личности во бумот на вештачката интелигенција - Амодеј, Маск, Закерберг, Алтман и други - за „супернегативци“.

И самите инсајдери можат да станат жртви на оваа трансформација, како што покажува бранот масовни отпуштања, вклучително и во одделите за вештачка интелигенција, бидејќи алгоритмите се развиваат сами. Во меѓувреме, профитот на големите технолошки фирми оди на рекордни нивоа.

Дали обичните луѓе можат да го ограничат обидот на дигиталната елита за целосна контрола? Елитите на ВИ ги замислуваат своите агенти како доминираат и ги насочуваат нашите животи. Тие дури се стремат да го контролираат и нашиот пристап до минатото. Антропик си ја презеде обврската да дигитализира ретки книги кои веќе не се во печат за да ги нахрани своите програми за вештачка интелигенција, а потоа да ги уништи оригиналите. На крајот, би можеле да бидеме принудени да гледаме на минатото само преку призмата што ја обезбедуваат олигарсите“, пишува Џоел Коткин.

Идејата за човечка еднаквост, длабоко вкоренета и во религиозните и во либералните идеали, е дури и презрена од технолошката елита. Некои од нив, како што е Куртис Јарвин, прифаќаат автократски политички систем, вклучително и идејата за монархија и владеење од страна на образовани Надлуѓе.

Неофеудализам или технофеудализам; сеедно како ќе го викате. 

Футуристи како Јувал Ноа Харари предвидуваат иднина во која „мала и привилегирана елита на надградени луѓе“ ќе ја добие контролата врз општеството и ќе користи генетски инженеринг за да го зацврсти супериорниот статус на своите потомци.

Раширениот отпор против центрите за податоци е бунт на базата против императивите на олигарсите. Во 2024 година во Америка биле одбиени девет предлози за нови дата-центри, лани имало 48 а само во првиот квартал од оваа година - 70.

Радикалната алтернатива - предлогот на Берни Сандерс американската влада да преземе 50 проценти од акциите во фирмите за вештачка интелигенција - веројатно нема да ја види светлината на денот. 

Еден од пионерите на роботската хирургија се залага за регулација од страна на неутрално, правно одговорно тело, наместо од самопрогласени експерти или приватно ангажирани технолошки специјалисти. Многу од овие вторите, тврди тој, се чини дека се во аутистичниот спектар и често се социјално бизарни мажи кои не можат да се конектираат ни со спротивниот пол.

Денешната млада генерација ја користи вештачка интелигенција за управување со лични односи и навигација низ социјалните интеракции. Речиси две од пет раскинувања на врски се случиле со консултација на ВИ, што ја прави „трето лице“ во врските. Според анкета на Расмусен, околу 40 проценти од младите луѓе се расположени да ја предадат контролата врз владата на вештачката интелигенција.

„Приоритет не е да се уништат машините, кои често се корисни, туку да се избегне аристократија на гикови. Луѓето треба да бараат не само соодветна регулација, туку и демонтирање на веќе претерано моќните технолошки олигополи. Инаку ќе добиеме неофеудализам на стероиди во кој луѓето нема да бидат нешто повеќе од дигитални кметови,“ предупредува Коткин.

12 октомври 2026 - 10:19