Варуфакис: Прва задача е да се запре својата банда

Јанис Варуфакис пишува дека тоа што е и против режимот во Иран и против бомбардирањето на Иран не е седење на две столчиња. Теократскиот режим во Техеран е брутален ама е резултат на  70 години западна ароганција и агресија. Кога се осудуваат две страни во една беља, поштено е прво да се осудат „своите“, оние кои ти ги плаќаш. Жените во Иран сигурно нема да бидат ослободени од бомбите што  им паѓаат врз глава. 

И така, повторно се најдов во  ситуација да морам да објаснувам зошто ја осудувам нелегалната војна, започната од САД и нивните сојузници, против земја на чиј режим жестоко се спротивставувам. Тоа е неблагодарна задача, но е задача што западните левичари мора да ја понесат ако не сакаме да ги легитимизираме режимите на кои се спротивставуваме, без разлика дали во земјата што е бомбардирана или на Запад.

Ова не е позиција на неутралност. Ова не е седење на две столчиња. Ова е должност на западната левица. Кога една голема улична банда од нашето маало започнува неиспровоцирана војна со банда од другата страна на градот која ние исто така не ја поддржуваме, војна во која се убиваат невини минувачи, одбиваме да останеме неутрални или да избереме страна. Ги повикуваме и двете на одговорност, но сме свесни за посебна, виша должност да ја запреме нашата банда: затоа што нашите даноци го финансираат нејзиното вооружување, затоа што нашето молчење се толкува како согласност, затоа што нашите влади се тие што убиваат, и тоа го прават во наше име.

Да ја разгледаме подетално нашата банда.

Тврдењата на Западот дека САД и Европа се борат за демократија, стабилност и нормалност во Иран се чисти измислици. Во случајот со Израел, уште помалку. Корените на повоената трагедија во Иран датираат од англо-американскиот државен удар во 1953 година, со кој беше соборена демократски избраната влада на Мохамед Мосадег, бидејќи се осмели да бара нафтата на Иран да му припадне на иранскиот народ. САД и Велика Британија го изгубија моралното право да зборуваат за поддршка на иранската демократија кога му ја предадоа апсолутната власт на Шахот - корумпиран автократски монарх кој го претвори Иран во феудален посед на западните корпорации. За да го задржат на престолот, ЦИА помогна во воспоставувањето и обуката на Савак, тајна полициска сила толку брутална што стана синоним за тортура. Во следните 26 години, владите на САД и Велика Британија направија сè што е во нивна моќ за да им го одземат на Иранците дури и привидот на демократија. Долгата историја на авторитаризам доведе до револуцијата што го собори Шахот во 1979 година.

*****

Да го премотаме сега филмот до 2022 година, кога убиството на 17-годишната Махса Амини, курдска сунитска муслиманка, ја покрена кампањата „Жени, живот, слобода“. Западните коментатори подлегнаа на своите пусти желби па побуната ја оценија како про-западна. Не беше. Незадоволството беше поттикнато од растечката нееднаквост, бидејќи економијата на Иран тргна по неолиберален пат со конзервативни исламски карактеристики, како и етнички тензии - особено со курдската заедница.

Побуната беше задушена не само со брутална репресија, туку, што е поважно овде, со повикување на стравовите од распад на земјата - можноста Иран да стане нова Сирија или Либија. Затоа режимот ужива поддршка од голем дел од населението, вклучувајќи ги и оние кои идеолошки се спротивставуваат на режимот: тие се надеваат и се молат за крајот на Исламската Република, но во исто време веруваат дека распадот на Иран би бил поголемо зло од сегашниот режим. Бидејќи Иранците знаат дека Трамп и Нетанјаху ниту можат, ниту сакаат да создадат стабилен демократски Иран; американско-израелските бомби што сега паѓаат врз нивните глави всушност ја зголемуваат толеранцијата кон актуелниот режим - дури и меѓу оние што се против него.

Еве кај сме денес: Моџтаба Хамнеи, син на Али Хамнеи, е новиот врховен водач на Иран. САД и Израел ги убија неговиот татко, мајка, сопруга, сестра и најверојатно еден од неговите синови. Режимот е брутален, непопуларен кај голем дел од младите, економски склеротичен. Но, тој режим е производ на 70 години западна ароганција и агресија. Не може да се симне со бомбардирање. А санкциите не го направија подобар. Што треба да прави и да зборува левицата во таква ситуација?

Прво треба да им се одговори на либералните империјалисти кои прашуваат „Што е со жените? Што е со слободата?“ Им викам: на жените во Иран најмалку им се потребни бомбите од Вашингтон и Тел Авив. Патот на движењето „Жени, живот, слобода“ не води низ изгорените урнатини на Техеран. Неговиот вистински пат е пораз на оние сили кои 70 години работеа Иран никогаш да не види мир и демократија. Народот на Иран прво мора да се ослободи од притисокот да премерува и да избира помеѓу сегашниот режим и судбина полоша од онаа на Ирак, Либија и Сирија заедно.

Задачата на нас, западните левичари, е да извршиме притисок врз нашите влади да го запрат бомбардирањето и да ги укинат санкциите што ги изгладнуваат сиромашните и ги збогатуваат режимските шверцери. Да ја демонтираме пропагандната машинерија што нè убедува дека војната е мир а окупацијата слобода. Тогаш, и само тогаш, иранскиот народ ќе има можност да ја искористи својата огромна сила и да ја открадне сопствената иднина од рацете на теократите и нивните империјални поддржувачи.

Јанис Варуфакис

 

27 март 2026 - 13:42