Украинската војна се турка во директен судир Русија - НАТО

Војната во Украина влегува во исклучително опасна нова фаза. Во пресрет на самитот на НАТО во Анкара на 7-8 јули, европските сили го ескалираат конфликтот со Русија, трансформирајќи ја Украина во лансирна рампа за длабоки напади на руска територија, спремајќи политички, воен и индустриски терен за директна војна меѓу НАТО и Русија. Таквата војна нема да остане ограничена само на Украина.

„Таа војна би се заканила да ја зафати цела Европа и би можела брзо да ескалира во нуклеарен конфликт“, пишува Јоханес Стерн на вебсајтот на Четвртата Интернационала.

Централната опасност е што разликата помеѓу прокси војна и директна војна меѓу НАТО и Русија систематски се брише. Украинските напади со беспилотни летала и ракети со долг дострел врз цели длабоко во Русија - енергетски објекти, воено-индустриски локации, аеродроми, пристаништа и инфраструктура околу Москва и Санкт Петербург - зависат од разузнавањето на НАТО, сателитскиот надзор, податоците за таргетирање, системите за оружје и политичката насока.

Европските сили намерно го притискаат Киев да ескалира. Тие проценуваат дека нападите длабоко во Русија ќе ја принудат Москва да одговори а секоја руска одмазда потоа може да се искористи за да се оправда уште поширока интервенција на НАТО.

„Ова е логиката на провокацијата. Ова е логиката што води кон светска војна“, пишува тој.

Самитот на НАТО во Анкара се подготвува како следна фаза во оваа ескалација.

За Германија, Велика Британија и Франција, војната во Украина е начин тие повторно да станат важни воени сили на светската сцена. Тие ја користат војната за да го оправдаат најголемото вооружување од Втората светска војна, реструктуирањето на индустријата за воено производство, повторното воведување на регрутација, милитаризацијата на училиштата и универзитетите и изградба на полициски државен апарат дома.

„Вооружувањето и војната се одговор на владејачката класа која ја гледа воената ескалација како средство за потиснување на класната борба и повторно поделба на светот“, заклучува Стерн.

Зеленски знае дека Украина не може да ја победи Русија на бојното поле па стртегијата е да се ескалира војната до крајност за да предизвика руска одмазда и да го вовлече НАТО уште подиректно во овој конфликт.

Ако опасноста од нуклеарна војна некому се чини надувана, треба да се потсети дека Парламентот на Финска гласаше за укинување на забраната на земјата за нуклеарно оружје, со што се остранија законските пречки за распоредување на нуклеарни бомби и ракети на НАТО во земја што дели граница од 1.300 километри со Русија. 

Што може да тргне погрешно?

2 јули 2026 - 09:02