Наспроти дебаклот на летната офанзива на Украина, американскиот државен секретар Eнтони Блинкен тркна до Украина за да потврди дека Америка ќе биде вмешана во војната „колку што е потребно“ и онолку смртни случаи колку што треба. Совршено темпиран за пристигнувањето на Блинкен, ракетниот напад во градот Костјантинивка во кој загинаа 17 лица, режимот на Зеленски го прогласи за руски напад.
Посетата на Блинкен имаше за цел да испрати порака дека, без разлика на бројот на загинати, војната меѓу САД и НАТО против Русија во Украина - платена со животите на Украинците и Русите - ќе продолжи. Украинската офанзива беше поздравувана од американските медиуми како еквивалент Денот Д во Нормандија. Проследено со многу загуби на живот, напредокот на Украина се мери во само неколку метри.
Ни од Киев ни од Москва нема ниту една официјална бројка за бројот на загинати од војната која сега е во нејзиниот 19-ти месец. Но, според Вашингтон пост, само ампутирани Украинци има 50.000 или повеќе. Веродостојните извештаи велат дека бројот на украински војници загинати во акција е помеѓу 350.000 и 400.000. Украинскиот режим, кој ги стави младите во земјата во служба на американскиот империјализам очекува и повеќе. Во моментов се градат воени гробишта со капацитет за 600.000 војници.
Но САД се решени да продолжат да ја финансираат и разгоруваат војната. Патувањето на Блинкен беше придружено со најавата за уште една милијарда долари, во оружје и добро распоредено мито. Администрацијата на Бајден моментално работи на усвојување предлог-закон во Конгресот за уште 20 милијарди долари за војната.
Јавно, ниту Блинкен ниту Бајден не го признаваат неуспехот, но минатиот месец, Вашингтон пост објави дека американските разузнавачки агенции заклучиле дека офанзивата нема да ја постигне својата главна цел да се стигне до Азовското Море за да се пресече „копнениот мост“ до Крим. Претставници на американската војска и на администрацијата на Бајден воените неуспеси ги правдаат со внимателноста на украинското раководство да не се губат многу животи.
Според актуелните коментари во американските медиуми кои се темелат на изјави на функционери и генерали, војната ќе продолжи уште многу години.
Макс Бут во Вашингтон пост напиша:
„Украина може да има поголеми шанси да победи во 2024 година“.
Во Фајненшел тајмс, екс генерал на британската армија процени:
„Украина не може да победи против Русија сега, но победата до 2025 година е можна“.
Од друга страна, Економист цитираше „висок американски разузнавач“ кој предупредува:
„Ако го погледнете бојното поле за пет години, тоа би можело да изгледа во голема мера слично“.
Ако се дозволи војната да трае толку долго, бројот на загинати ќе биде во милиони. Но, за ова, американската владејачка класа која ја води војната, е сосема индиферентна. Лидерот на републиканското малцинство во Сенатот, Мич МекКонел (тој што му се дешава баферинг - н.з.), ги повика колегите да не се колебливи за Украина зашто нејзиното финансирање значи „ослабување на еден од најголемите стратешки противници на Америка без да се испука ниту еден истрел“ и попат одвраќање на друг (Кина).
Ваквите изјави ги разголуваат вистинските цели на војната. Тоа нема никаква врска со „демократијата“ во Украина, која е преполна со корупција и управувана од криминална олигархија. Вашингтон намерно ја испровоцира војната заради своите стратешки интереси за поткопување и пожелно демонтирање на Русија. Не само затоа што има богати наоѓалишта на критични минерали и енергетски ресурси, туку и затоа што се смета за пречка за воен напад врз Кина.
Војната се води во сојуз со десничарскиот режим во Киев и екстремно десничарски влади ширум Источна Европа. Хил забележува дека владите на Литванија, Латвија и Естонија се меѓу оние кои најагресивно бараат ескалација на војната. За време на Втората светска војна, овие земји беа синхронизирани со нацистичка Германија, и голем дел од нивниот воен и разузнавачки апарат беше соучесник во Холокаустот. Денес, тие се управувани од бесни антируски режими кои, особено во случајот со Литванија, отворено ги величаат нивните предци кои соработуваа со нацистите.
Спротивставувањето на војната во САД сепак се зголемува, а администрацијата на Бајден е сè поочајна да обезбеди воена победа. Од своја страна, олигархиската влада на Путин, која беше намамена во очајна и политички банкротирана инвазија на Украина, е ангажирана во залудни напори да се договори со своите империјалистички „партнери“, кои се посветени на потчинување и крајно демонтирање на Русија како увертира за конфликт со Кина.
На оваа војна мора да се стави крај, наспроти администрацијата на Бајден, нејзините сојузници во НАТО и медиумските гласноговорници на империјалистичките разузнавачки агенции.
Андре Дамон,
За „Светскиот социјалистички веб-сајт“