Што гледате, болница или логор?

Да се обидеме да бидеме рационални. Државата веќе се има обврзано дека ќе води грижа за нашето здравје. А деновиве проба да нè увери дека за нашите животи, најдобро ќе води грижа ако нè смести во - логори. Жителите се наведени да бираат меѓу достоинствен живот (што подразбира и достоинство во болеста) и голо преживување, лишено од секое достоинство.

Ако се разболам и работата тргне на лошо, вети ми дека ќе ме оставиш да умрам дома - сè ми се чини дека до вчера тоа беше обврска на која еден на друг им се колнеа сите жители на нашата земја. Ако сум во право, со  таа заклетва е раскинат општествениот договор меѓу граѓаните и државата. Сликите од Белградскиот саем деновиве ги вознемирија сите, како што тоа и обично се случува со логорски слики. Да не се лажеме, тоа на Саемот личи исклучиво на логор и на ништо друго; со болница тоа нема блага врска. 

Да се обидеме да бидеме рационални. Државата веќе се има обврзано дека ќе води грижа за нашето здравје. А деновиве проба да нè увери дека за нашите животи, најдобро ќе води грижа ако нè смести во - логор. Со тоа што логорот не се нарекува логор, туку болница. Треба бескрајно да ѝ веруваш на државата за да не им веруваш на сопствените очи. Оттука прашањето: колку навистина жителите на Србија му веруваат на овој режим и лицето кое е на негово чело? Мерката на таа доверба влијае на тоа што гледаме на сликите од саем - логор или болница?

Во епидемија каква што е оваа, успехот/победата на заедницата врз болеста зависи од меѓусебната доверба. Ниту државата може сè да обави сама, ниту жителите можат сами себе да се сочуваат. Нека ми прости читателот на тешките зборови: лага е дека сега се одмерува меѓу одржување на економијата и масовното чување на здравјето. Во игра е нешто многу повеќе од пари. Членовите на заедницата решаваат дали ќе им веруваат на институциите или не. Дури после тоа, кога ќе се стабилизираат институциите, може да се зборува за избор на една од повеќето можни политики меѓу двете крајни опции.

Наместо доверба, овдешниот режим се потпира на страв  и сила. Граѓаните се застрашуват, за да не се спротивставуваат на силата. Силата стигнува од доменот на државата а се оправдува со медицински причини. Струката застана зад силата. Отпорот се генерира во зоната на приватноста. Жителите на Србија се наведени да бираат меѓу достоинствен живот (што подразбира и достоинство во болеста) и голо преживување, лишено од секое достоинство. Верувам дека достоинството ќе превагне. Лошо е, меѓутоа, што луѓето воошто се доведени пред таков избор.  

Замислете се себе како заразено лице со полесни симптоми. И сега замислете се на еден од леглата на саем. Опкружени сте со други болни, а сите вас ве опкружуваат вооружени војници. Дали сте сигурни дека сите околу вас се полесно заразени? Така одредиле докторите, ќе помислите. Дали им верувате на докторите? Тие вршат тријажа и распоредуваат пациенти под притисок. Дали секоја нивна одлука е исправна? Колку дена ќе поминете во халата? Што ќе правите таму? Што ќе биде со вашите блиски додека сте таму? Како ќе комуницирате со нив?

Сè ова се нормални, обични, човечки прашања. Дали некој има одговорено на нив? Нема. Зошто? Па затоа што Кинезите не го знаат нашиот јазик. Каква па врска сега имаат Кинезите со нас (освен вирусот)? Па саемот е нивна идеја, тврдат домашните стручњаци. Па добро, нивна нека е, ама што за тоа мислат домашните стручњаци и како тие одговараат на сите оние нормални, обични и човечки прашања? Да им ги приближиме работите - голем број од нивните колеги веќе се, или ќе бидат заразени, дали и тие ќе лежат на креветите во халата?

Со кревети во хала, режимот праќа порака дека ништо не им верува на жителите на Србија. Тие се незрели, малоумни, не им е гајле за својот живот - така ги гледа режимот. Затоа за нив режимот подига логори. Ни жителите на Србија не му веруваат на режимот, па по дома едни на други им се колнат на граѓанска непослушност. Секој разумен човек мора да се запраша како дојдовме во оваа ситуација? Секој разумен човек го знае и одговорот на ова прашање, ама сега не е време тој одговор да се елаборира.

Режимот мора што побрзо да стекне доверба од граѓаните, бидејќи со мерки како што се кревети на саем, без дополнителни објаснувања, само го продлабочува јазот и на сите им отежнува. Како таа доверба би можела да се обнови? На памет ми паѓа еден начин - првиот човек на Србија, заедно со  цела влада, мора да дадат гаранции дека после ова, барем едно време нема да се занимаваат со политика. Дека ни тој ни неговите нема да се кандидираат на избори, ниту ќе бидат носители на листи, барем додека се заврши еден политички циклус.

Со тоа ни приближно не би се решило сè, но би се отстранил секој сомнеж дека сите потези, овој режим ги повлекува за да се зачуваат себе а не жителите на Србија.

Дејан Илиќ,
уредник на издавачката куќа „Фабрика на книги“ и магазинот „Збор“

1 април 2020 - 13:28