Тешко дека некој поборник на либералната демократија може да симпатизира групи како Хамас, Хезболах или Исламски џихад. Сите тие со децении користат терор во обид да постигнат политички цели, не прават разлика меѓу непријателските војници и цивилите, а нивната основна агенда е уништување на државата Израел.
Гледано на овој начин, убиството на лидерот на Хезболах Хасан Насрала од страна на Израел е сосема разбирлива одлука. И неговите следбеници не би се двоумеле да го ликвидираат Бенјамин Нетанјаху доколку можат. И во двата случаи важи старата поговорка „кој за меч се фаќа...“.
На извесен начин, фасцинира способноста на Израелците да се отарасат од своите непријатели. По огромниот пропуст на 7 октомври минатата година, кога Хамас ги изненади и предизвика, тие де факто ја уништија Газа, го убија нивниот водач Исмаил Ханија сред Техеран а истиот ден во Бејрут со борбени авиони го убија највисокиот воен заповедник на Хезболах. Последните две недели го потаманија речиси целото раководство на Хезболах, седум нивни воени команданти и изведоа невидена операција на симултано експлодирање на илјадници пејџери и воки-токи. Накратко, од воено-шпионска гледна точка, Израел е неверојатен.
Меѓутоа, има и друга страна на паричката, а таа гласи - она што го прави Израел се флагрантни воени злосторства и кршење на хуманитарното право. Сега може да се види дека Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), беше во право кога побара од судиите на таа институција во мај да одобрат налози за апсење на тројца лидери на Хамас и двајца израелски лидери - премиерот Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант - за војна и злосторства против човештвото во Газа.
Но, колку Израел мува не го лази за меѓународното право може да се види од фактот дека во последната недела тие убија околу 700 Либанци и Либанки, па дури и признаа дека не знаат колку од нив се Хезболах а колку се цивили.
Речиси на исто ниво е лицемерието на Западот, особено на САД и Германија, кои сето тоа го набљудуваат без да кажат ниту збор или пак ќе предупредат „колку да се каже нешто“.
Да замислиме дека Русија во последните неколку дена масовно и неселективно го уништуваше Киев и околината, убивајќи седумстотини Украинци, меѓу кои и повеќе од стотина жени и деца. Ех, Џо Бајден јавно ќе го обвинеше Путин дека е убиец, а Америка, Британија и Франција ќе бараа итна седница на Советот за безбедност на ОН.
Нема многу разлика помеѓу она што го направија Русите во Мариопол и Израелците во Газа. Целосно уништување, масовни убиства на цивили, па дури и изживување на труповите на убиените противници. Но, жртвите на Мариопол барем добија почит и статус на праведници, додека жртвите на Бејрут и Газа се обична статистика.
Израел покажува дека не му е гајле а тоа е така затоа што знае дека западните земји му го довозлуваат тоа. Затоа не треба да изненади тоа што ќе продолжи окупацијата на Западниот Брег и Источен Ерусалим, каде досега се имаат населено 700.000 еврејски доселеници, а 3,5 милиони Палестинци живеат во апартхејд. Нетанјаху е само симбол на денешниот Израел, кој нема намера да прифати решение за две држави, иако зад тоа стои речиси цел свет. Уништувањето на Хамас и Хезболах можеби ќе донесе мир на Блискиот Исток, но ќе ја зацементира неправдата.