Само Меркел може да го спречи имплодирањето на либералниот Запад

Се вели дека домашни гости се како мртва риба: после третиот ден почнуваат да мирисаат. Меркел веќе отслужи 11 години како канцеларка, иако уште на 8-та година таа ја изгуби популарноста. И сепак таа останува единствениот разумен избор за работата. Никој друг не може да ја спречи имплозијата Западот.

Наскоро во Белата куќа ќе има претседател чиј водечки принцип се сумира како "Американизам, не глобализам." Начинот на кој Доналд Трамп ја гледа геополитиката е: слободната трговија е заговор против американскиот пазар на труд, а НАТО е алијанса која го тера САД да троши премногу на одбрана. За него конфронтацијата е единствен стандард, а слабоста единствен грев.

Трамп има изјавено дека Меркел ја упропастува Германија затоа што дозволува влез на премногу бегалци. За Трамп, ЕУ е отелотворение на "глобализацијата" против која тој се бори. Тој смета дека Најџел Фараж, кој го предводеше британското заминување од Унијата, е вистински лидер на Британците. Неговиот главен советник Стивен Банон се восхитува на европските националисти како Мари Ле Пен, холандскиот политичар Герт Вилдерс, и како и Трамп, му се восхитува на рускиот претседател Владимир Путин.

Во ваква ситуација на Европа и треба лидерство што пред се ќе ја приоретизира Западната солидарност. Ако Британија решеше да остане во ЕУ, поранешниот британски премиер Дејвид Камерон ќе беше најприроден кандидат за работата. Ама ние ја имаме Тереза Меј, актуелната премиерка, која е презафатена со креирање на планот за самонаметнатата изолација на Велика Британија.

Франција, нуклеарна сила, е на пат да избере претседател, кој во најлош случај може да биде Ле Пен, политичарка која сака Франција да го напушти еврото а можеби и ЕУ - одлука која фундаментално ќе го промени транснационалниот проект.

Дури и ако Франција не ја избере Ле Пен, следниот претседател ќе се соочи со тешката задача за олабавување на регулативата во Франција, работа која за поранешните претседатели во изминатите декади се покажа како најтешка за завршување. Овој проблем само може да им даде нова сила на десничарските екстремисти. Последователно, Франција нема да биде во можност да ја води Европа.

Можат ли трите глави на ЕУ - претседателите на ЕУ Парламентот, Европскиот совет и Европската комисија - да ја водат Европа? Малку веројатно, бидејќи нивната сила е само позајмена. Мартин Шулц, германскиот политичар кој е претседател на ЕУ Парламентот, би сакал да биде германски канцелар. Меѓутоа имајте предвид дека ниту еден активен или моќен германски политичар не го напуштил Брисел доброволно. Под Меркел, само првите луѓе на владата можеа да ја водат Европа, и само тие што имаа поддршка од моќните можеа да преовладаат. Во Европа, само Меркел има таква моќ.

Очигледно, Меркел ја нема таа моќ по основа на нејзината персона. Напротив, германската економска моќ се претвора во нејзина политичка тежина во Европа. Меркел може да ја истера политиката за спасување на Грција затоа што Германија го сносеше ризикот како главен кредитор. Нејзиниот план за редистрибуција на бегалците беше неефикасен затоа што таа немаше таква предност. Нејзиниот договор со Турција мина само затоа што европските држави очекуваа некаква оддишка од мигрантската криза.

Меркел дури и кога ја имаше моќта не се однесуваше на најпаметен начин. Нејзиното инсистирање на фискално штедење ја присили Европската централна банка да преземе контрамерки кои беа ветар во грб за сите евроскептици.

Меркел ја има моќта и, дури и да и ја одземеш, нема никој со авторитет и искуство како неа. Навистина никој. Можеби италијанскиот премиер? Лесна категорија. И никој, никој во Европа не може да ја спаси кохезијата на Унијата. Може да ти е жал за тоа, ама мора да го прифатиш.

На одреден начин може да бидеме благодарни што Меркел е жена која е ослободена од каков било забележителен принцип и која не се чувствува врзана за вчерашните муабети. Со цел да ја задржи Унијата заедно и да ги намали политичките несогласувања, ќе биде неопходно таа да се фокусира на работи што може да не се добри или популарни за Германија од економска гледна точка. Тука се мисли на еврообврзници, големи европски инфраструктурни проекти, мерки за фискално стимулирање и мерки за поголема мобилност на идните работници.

Овие политики се неопходни за раст на атрактивноста на членувањето во ЕУ. Британското напуштање на Унијата ќе мора да заврши што е можно поглатко. Мора да се спротивставиме на поривот да се казни земјата. Ќе мора да го отвориме европскиот пазар кон Британија. Обединета ЕУ е клучна за преговарањето на нов светски економски поредок со САД и Кина. Трамп се заканува дека ќе ги казни некоректните трговски партнери со повисоки тарифи кои најверојатно први ќе ја удрат Кина. Со тек на време, тие ќе стигнат и до Германија.

Трговска војна меѓу Вашингтон и Пекинг секако ќе и штети и на Германија. ТТИП веќе е мртов. Слободната трговија мора да биде спасена. НАТО мора да се спаси од распаѓање. Критиката на Трамп до европските партнери не е целосно неоправдана. Ако републиканците го гледаат НАТО само како "договор" тогаш Европа ќе мора да го разубеди дека НАТО е добар и за САД. Пред се, Европејците ќе мора да трошат повеќе пари и да ги трошат паметно.

Ова се следните задачи, и тие бараат да се случи најдоброто можно сценарио, во кое ЕУ преживува а Трамп не му го врти грбот на НАТО. Ако ЕУ се распадне а Трамп гледа да направи договор со Путин, последиците се непроценливи.

И во ваква ситуација не сакаш новајлија за германски канцелар. Кој би можел да ја заврши работата на Меркел? Хорст Зеехофер, првиот човек на ЦСУ, изгледа како да е изнемоштен само од справување со Баварија. Министерот за финансии, Волфганг Шојбле нема сè што е потребно. Не е лидер. Министерката за одбрана нема трпение. Јенс Шпан од ЦДУ често пати го нарекуваат младата надеж на Унијата. Меѓутоа тој е премногу зафатен со давање провокативни изјави. Не е државник.

Не, работата мора да ја заврши Меркел. На нејзе и недостасува изразит имиџ и затоа може да работи со кого било; со Социјал-демократите, со Зелените, со Партијата на слободни демократи и со која било комбинација од овие три. Понекогаш да бидеш сив е доблест посебно ако алтернативата ги носи боите на новите националисти.

Алан Поснер,
Велт

23 ноември 2016 - 17:23