На Романци и Дракула им е помил од Урсула

"Симион и Георгеску ти се исто. Број еден!"му рекол таксист на колумнистот на Unherd и поранешен воен репортер, Арис Русинос, во вообичаена такси анализа. Зборува за десничарскиот претседателски кандидат кој неодамна убедливо победи во првиот круг и оној кому претходно му ја поништија победата. Ваквата увереност на таксистот од Букурешт е токму она од што уплав имаат и Брисел и романските политички елити.   

По декемвриското поништување на претседателските избори во Романија, заради недокажани сомневања за руско мешање, поддршката за десничарскиот кандидат, Калин Георгеску, се префрли на национал-популистот Георге Симион, чија партија е основана пред само шест години.

„Јавајќи на народниот гнев поради перцепцијата за недозволено мешање во изборите од страна на романскиот политички естаблишмент и чувството дека посткомунистичкиот економски бум е запрен, популистичкиот бран во Романија се чини дека ги одразува трендовите низ Европа и поширокиот Запад“, пишува Русинос.

И Џеј Ди Венс го цитираше романскиот случај како пример за антипатија кон демократијата која се негува во централно-левичарските владејачки елити. За да се задржи моќта, вообичаено се потегнува плашење со Кремљ и руско замешателство во секакви форми.

Разговарајќи со политички инсајдери, Русинос дошол до заклучок дека романското свртување в десно не го пумпаат само незадоволните маси, туку и од оние делови од елитите кои процениле дека претстои драматичен пресврт во политичкиот поредок на земјата.  

Симион е поранешен фанатичен фудбалски навивач кому му е забранет влез во Молдавија и Украина заради неговиот иредентистички активизам за „Голема Романија“. Енергичен човек чија потемна боја на кожата е повод неговите буржоаски либерални противници да го исмеваат како „цигански хулиган“.

Ама сериозно мава по системот. 

„Бевме понижени со поништувањето на изборите“, вели тој. „Ништо се нема променето во Романија после 1989 година, сè уште сме водени од безбедносните служби.“

Добар дел од дискурсот на Симион произлегува од популарното верување дека посткомунистичката транзиција на Романија била само фасада а дека зад сцената, моќните разузнавачки служби на земјата сето време играат огромна улога во политиката. 

Тоа верување е толку раширено што некои се убедени дека и изборниот успех на Симион во првиот круг се должи на благослов од службите: едноставно, тие за него имаат повеќе валканици отколку за противкандидатот Никушор Дан; валканици со кои подоцна ќе може полесно да го командуваат. 

Во секој случај, Симион освои 40% од гласовите во првиот круг, колку што заедно освоија неговите двајца главни противкандидати - оној на естаблишментот, Крин Антонеску, и либералниот градоначалник на Букурешт Никушор Дан. Меѓу огромната романска дијаспора, порано движечка сила на либералните реформистички промени, победата била уште поголема: Симион освоил 61% од гласовите на дијаспората, што е знак за незадоволство и од напредокот на Романија и од животот на Запад.

„Ни треба силен лидер во Романија, како Влад Дракул“, му рекол на Русинос постар човек на пазар во Букурешт. „Не некој луд како Урсула фон дер Лајен, или геј како Макрон“.

10 мај 2025 - 16:10