Културолошката војна која изминативе десет години се водеше преку културни и научни институции, но пред сè преку медиумите и социјалните мрежи, практично е завршена. Резултатот е јасен и недвосмислен пораз на левицата на сите нивоа. Враќањето на Доналд Трамп е само едно мало парче од сложувалката.
Она што следува се сериозни и тектонски нарушувања на политичката сцена на Европската унија, Канада и другите земји низ западниот свет. Заедно со политичките пресврти ќе се менуваат и самите институции. Некои го сфатија тоа, како извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, кој вчера објави дека ги укинува проверувачите на факти, чуварите на онлајн говорот кои се исклучително важни за владеењето на левицата, која пред очите на сите, се урива како кула од карти.
Во претходната деценија, левицата тивко ги презеде практично сите важни западни институции од јавниот и приватниот сектор. Не мораа нужно да бидат владејачка партија, но успеваа да ја наметнат својата, честопати многу екстремна агенда, на сите главни политички играчи.
Создадоа цела серија прашања за кои би била потребна широка јавна дебата, но тие своите наративи ги претворија во догми, без можност за преиспитување. Климатски промени, ковид, имиграција....
Доколку некој како јавна и почитувана личност барем малку ќе излезеше од наметнатиот дискурс, ризикуваше да биде прогонуван на мрежите и понижуван од медиумите.
За контрола на „обичните“ луѓе служеа факт-чекерите, добро обучени пропагандисти кои душкаа по секој поединец или организација што би можеле да претставуваат закана за создадениот левичарски естаблишмент, за да ги замолчи и да им го сосече дометот во корен.
Левичарите потрошија многу ресурси и напори за механизми за контрола на јавниот говор, а многу малку или ништо за да ги убедат луѓетово нивната вистина. Тие едноставно претпоставуваа дека луѓето, веројатно поради страв да не бидат резилени во околината, автоматски ќе ги засакаат нивните политики, без разлика колку тие звучат бесмислено, лудо или екстремно.
Сосема логично, се очекуваше одговор од другата страна, но десницата немаше институции бидејќи тие веќе беа окупирани. Немаше политичка моќ, немаше влијание врз 90 проценти од медиумите, немаше речиси ништо. Одговорот на десницата мораше да дојде одоздола, од дното. Со текот на времето, ова движење се пресели од маргините на идеолошкиот спектар и стана масовно, што само покажуваше дека левичарскиот естаблишмент навистина забегал.
Дури и некои од нивните најконтроверзни теми ќе беа прифатливи ако левичарите не влезеа отворено во битка со она што на Запад е свето - слободата на говорот.
Почнаа глобална и жестока кампања против слободата на говорот, маскирана како борба против дезинформаци. Слободното изразување го етиктираа како „десен екстремизам“ а цензурата како нешто што ги штити луѓето.
Како воопшто можеа да помислат дека тоа ќе мине туку така? Дека народот ќе каже, стварно, слободата е страшна, ни треба цензура? Дека луѓето ќе посакаат некој необразован новинар да им стави катанец на уста и да ги цензурира на социјалните мрежи. Колку треба да се глупави новинарите за да веруваат дека ќе победат со таква агенда?
Тоа беше капката што ја прелееа чашата. Луѓето не сакаат цензори, не сакаат кога некој насилно ги замолчува, без разлика кој е цензорот, макар бил најдобриот и најпаметен човек на светот. Секој што сака да влијае на јавноста треба да го разбере ова.
Да, левичарите имаа (и сè уште имаат) контрола врз сите мејнстрим медиуми, но, таа контрола ја губи својата важност кога се губи довербата од масите. Потоа, автоматски, преку механизмот на понудата и побарувачката, се создаваат нови, алтернативни медиуми и на крајот, се создаваат нови, алтернативни политички кандидати кои се отцепуваат од наметнатиот дискурс и, без оглед на ризикот од медиумски погром, стануваат силно попопуларни.
Закерберг веројатно никогаш не сакаше цензори, тој создаде социјална мрежа за луѓето да можат слободно да комуницираат онлајн. Идејата дека „експертите“ (всушност политички пропагандисти) треба да се плаќаат за да ги замолчат корисниците, му ја наметнаа медиумите и владите.
Тоа го кажа многу јасно, не може да биде појасно.
Неверојатно, но се чини дека новинарите, чуварите на левичарскиот поредок кој сега се урива на сите страни пред нивни очи, самите се убедија во сите тие лаги и глупости во кои не успеаја да убедат никого надвор од нивните редакции.
Новинарите веројатно се последните кои станаа свесни дека нивниот свет се руши. Нè очекуваат огромни општествено-политички промени и не сум сигурен дека сите ќе бидат добри, но едно мора да биде јасно: левицата сама си го направи ова. Затоа што чепна во слободата на говорот.