Крајот е блиску

Oва е Џек ес цивилизација, време на имбецили. Светската револуција ќе ја водат оние пророци - ќе се сетите на тие пациенти - кои во нашиот век стоеја на дрвени гајби за банани, со транспарент “Подгответе се, крајот е блиску!'

На повик на претседателот кој ги меша Балтик и Балкан, се одзваа тип кој ја меша Џорџија со Грузија, жена која меша Арапи и Кинези, покрај нив илегалци кои сами себе се снимаат како крадат работи, меѓу нив и еден кој од Длабоката држава се крие така што носи акредитација со полно име и презиме, предводени со шаман кој ја слуша фреквенцијата на лилјаците и води револуција против мрежа сатанисти-педофили од подрумот на една вашингтонска пицерија: ете, таква беше дружината на имбецили - баш како екскурзија на психијатриска клиника од Спрингфилд во Вашингтон - која упадна во втората најдобро чувана зграда во најдобро чуваниот град во најдобро чуваната држава на целиот свет.

Секако, не е првпат таква работа да гледаме на телевизија: пред неколку години го гледавме филмот на Роналд Емерих, „Падот на Белата куќа“ во кој завереници упаѓаат во Конгресот и со експлозив го дигаат во воздух. Меѓутоа, сценаристот Џејмс Вандербилт со својата екипа морал да пројде дваесетина верзии на сценарија и да го разработи целиот демонски план; голематa завера на бескрупулозната американска војна индустрија и платеницитe од специјалната единица Делта форс, требало тоа детално да се осмисли и да се сплете во приказна за барем оддалеку да изгледа уверливо можноста некој да го освои Конгресот, главната фортификација на најсилната светска демократија.

Стварниот живот, меѓутоа, не е холивудски блокбастер: во стварниот живот, наместо одметнати врвно обучени специјалисти со пеколен и детално разработен план, Конгресот го демолираше дружина имбецили од филмот Глупио и поглупиот.

Некој амбициозен сценарист, на продуценти да им предложеше приказна за Џим Кери, Џеф Даниелс и Доналд Трамп, еден глуп а другиот поглуп кои на повик на третиот, најглуп, ќе одмаршираат до Вашингтон и  со даброви и бизонски крзна ќе упаднат во Конгресот, тие веројатно ќе му објаснеле дека темелен канон на комедијата е законот за веројатност -  за нешто да биде смешно, мора барем оддалеку и теоретски да изгледа можно.

Стварниот живот, меѓутоа, не е холивудска комедија.

Беа во приказната и оние од конгресното обезбедување, ФБИ и ЦИА, прекалени професионалци со ситни слушалки кои по белиот свет организираат државни удари и по азиските вукоебини со дронови ликвидираат брадести исламски терористи. Цел месец, ордите на глупи и поглупи, на тие опасни професионалци им најавуваа марш во Вашингтон и во два попладне заземање на Конгресот, на социјалните мрежи со недели го објавуваа тајниот демонски план за упад во Конгресот во два попладне, преку Фејсбук, пред нос им делеа прецизна маршрута до Конгресот во два попладне, а прекалените професионалци во собата за видео надзор, на крајот попаѓаа од шок и изненадување кога во среда, во два попладне, одеднаш здогледаа орди на глупи и поглупи на влезот во Конгресот.

Меѓу нив беше и оној што ладнокрвно пред камерите украде дрвена говорница и ја изнесе од зградата мавтајќи им на полицајци и фоторепортери. Најнормално, бекријата после ја понуди говорницата на иБеј а репортерите неговите фотографии ги продадоа на светската медиумска агенција Getty Images Inc. Веќе истата вечер, весниците и интернетот беа полни со негови слики, со агенцискиот потпис „via Getty“.

Па видовме правоверни демократи, либерали, легалисти и бранители на уставниот поредок, кои буквално го затрупаа Гугл и социјалните мрежи со прашањето „Кој е Виа Гети?“, брзајќи на полицијата и тајните служби да им го пријават Трамповиот герилец Вио Гети, имбецил кој распиша потерница сам по себе. 

Сфаќате, ова е Џек ес цивилизација, време на имбецили. 20-от век имаше свои романтични револуции, мрачни полковници, тајни агенти, шпиуни, платеници, инглориус бастарди и болежливи поети, занесеници кои веруваа во рамноправност на луѓето и во праведен нов свет. Револуциите во овој век ќе ги водат шамани со бизонски рогови кои знамињата на слободата ги купуваат на Амазон, занесеници кои веруваат дека потресите во Хрватска всушност ги предизвикуваат сатанистичко-педофилски елити, минирајќи ги своите подземни ходници за обредно пиење детска крв и чипирање на човештвото со вакцина против лажната пандемија. А ќе им се спротивставуваат совесни граѓани кои по интернет ќе го ловат нивниот Че Гевара, злогласниот Вио Гети.

Накратко, светската револуција ја водат оние пророци - ќе се сетите на тие пациенти - кои во нашиот век стоеја на дрвени гајби за банани, со транспарент “Подгответе се, крајот е блиску!'

Hasta la victoria siempre!

Борис Дежуловиќ

16 јануари 2021 - 21:22