На неодамнешната Конференција за безбедност во Минхен, дебатата на оваа тема меѓу германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот потпретседател Мајк Пенс, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, демонстрираше недостаток на консензус дури и околу тоа што е либерален поредок. Ова само ја отежнува проценката што ќе се случи со истиот.
Кога Западот, посебно САД, доминираа со светот, либералниот поредок беше прилично што и да кажат они дека е. Други држави се жалеа и нудеа алтернативен пристап, ама во основа ги следеа правилата дефинирани од Западот.
Меѓутоа како што глобалната моќ се префрли од Западот на "останатите", либералниот светски поредок стана се поспорна идеја, со светски сили во подем како Русија, Кина и Индија кои се повеќе ги оспоруваа западните перспективи. И навистина, критиките на Меркел во Минхен за руската инвазија на Крим и поддршката на сирискиот претседател Башар ал-Асад беа начекани со тврдењата на Лавров дека Западот ја игнорирал сувереноста како норма во меѓународното право, вршејќи инвазија на Ирак и признавајќи ја независноста на Косово.
Она не треба да се сфати дека либералниот светски поредок е комплетно опскурен концепт. Оригиналната верзија - да ја наречеме "Либерален поредок 1.0" - се издигна од пепелот на Втората светска војна за да го одржи мирот и да обезбеди поддршка на глобалниот просперитет. Тој се базираше на институции како Меѓународната банка за обнова и развој, која подоцна стана Светска банка, и Меѓународниот монетарен фонд, како и регионалните безбедносни договори, како НАТО. Тој го нагласуваше мултилатеризмот, меѓу другото и низ Обединетите нации, и ја промовираше слободната трговија.
Меѓутоа Либералниот поредок 1.0 имаше свои граници - имено, суверени граници. Имајќи ја предвид постојната геополитичка битка меѓу САД и СССР, тој не можеше баш да биде наречен "светски поредок". Она што земјите го правеа по дома во основа беше нивна работа, се додека тоа не влијаеше на ривалството меѓу суперсилите.
По колапсот на Советскиот сојуз, триумфалниот Запад суштински го прошири концептот на либерален светски поредок. Резултатот - Либерален светски поредок 2.0 - ги надмина границите на земјите и се зафати со правата на луѓето кои таму живеат.
Наместо одржување на национален суверенитет по секоја цена, проширениот поредок сакаше да надмине сувереноста и да воспостави заеднички правила кои националните влади мора да ги почитуваат. На многу начини Либералниот светски поредок 2.0 - поддржан од институции како Светската трговска организација и Меѓународниот кривичен суд, се трудеше да го оформи светот по пример на Западот.
Но, за кратко, силите опседнати со сувереност како Русија и Кина ја сопреа неговата имплементација. Катастрофалните грешки за кои се одговорни западните лидери - пред се, продолжената војна во Ирак и глобалната економска криза - го зацементираа поништувањето на Либералниот светски поредок 2.0.
Меѓутоа сега самиот Запад го отфрла поредокот што го создаде, честопати користејќи ја истата логика околу сувереноста што ја употребуваа и светските сили во подем. И не дека се во опасност само новитети како Меѓународниот кривичен суд. Со тоа што Британија ја одби Европската унија, а претседателот на САД ги осудува договорите за слободна трговија и Парискиот климатски договор, изгледа дека под закана е и многу пофундаменталниот Либерален светски поредок 1.0.
Некои тврдат дека Западот премногу си дозволи при креирањето на Либералниот поредок 2.0. Меѓутоа дури и Америка на Трамп има потреба од Либерален поредок 1.0 - и мултилатеризмот на кој тој се заснова. Во спротивно тој ќе се соочи со нов вид на глобализација која е комбинација на технологии од иднината со непријателствата од минатото.
Во такво сценарио, воените интервенции ќе продолжат, ама не во постмодерна форма насочени кон одржување на поредокот (за што пример беше противењето на Западните сили на геноцидот во Косово и Сиера Леоне). Наместо тоа ќе преовладуваат модерните и пред-модерните форми: поддршка за репресивни власти, како што Русија и понуди на Сирија, или етно-религиозни прокси војни, како оние што Саудиска Арабија и Иран ги водат на Блискиот Исток.
Интернетот, миграцијата, трговијата и спроведувањето на меѓународните закони ќе бидат претворени во оружја на новиот конфликт, наместо ефикасно да бидат управувани од глобалните правила. Меѓународните конфликти првично ќе се водат од домашни политики се повеќе базирани на статус на анкциозност, недоверба во институциите, и тесноград национализам.
Европските земји не се сигурни како да одговорат на ова растечко глобално безредие. Се појавија три потенцијални стратегии за справување.
Во првата се бара земја како Германија, која се смета себе си за одговорен акционер и има некаква меѓународна тежина, да го преземе старателството врз либералниот светски поредок. Во ова сценарио, Германија ќе работи на одржување на Либералниот светски поредок 1.0 глобално и зачувување на Либералниот светски поредок 2.0 во Европа.
Втората стратегија, денес претставена од Турција предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган, може да се нарече максимизирање на профитот. Турција не се обидува да го сруши постојниот поредок, ама па не се чувствува ни одговорна за неговото одржување. Наместо тоа Турција гледа да извади колку може повеќе од институциите предводени од Западот, како ЕУ и НАТО, додека одржува взаемно корисни односи со земји како Русија, Иран и Кина, кои често пати гледаат да ги поткопаат токму овие институции.
Третата стратегија е едноставна хипокризија: Европа ќе зборува како одговорен акционер, но ќе работи на максимизирање на профитот. Ова е патот по кој тргна британската премиерка Тереза Меј кога се сретна со Трамп во Вашингтон. Таа ги кажа сите правилни работи за НАТО, ЕУ и слободната трговија, меѓутоа бараше специјален договор со САД вон рамките на овие институции.
Во месеците пред нас многу лидерите ќе треба да го стават својот влог на тоа дали либералниот поредок ќе преживее - и дали тие треба да инвестираат ресурси околу овој исход. Западот колективно има сила да го одржи Либералниот поредок 1.0. Меѓутоа ако западните сили не можат да се договорат околу тоа што сакаат од тој поредок, или кои се нивните одговорности за негово одржување, тогаш малку е веројатно дека воопшто ќе се обидат.