Излегувањето на ОАЕ од ОПЕК е поважно од цената на нафтата

Обединетите Арапски Емирати настојуваат да се издвојат од исламистичката геополитика и да се оддалечат од доминантната Саудиска Арабија. Напуштањето на нафтениот картел ОПЕК по речиси 60 години ја потврдува нивната намера да функционираат како независен актер, кој повеќе не е врзан за никаква верност кон Заливот, Арапите или муслиманите.

Обединетите Арапски Емирати го објавија крајот на своето 59-годишно членство во Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК). Основан во 1960 година од Иран, Ирак, Кувајт, Саудиска Арабија и Венецуела, како заеднички напор да ги предводат глобалните пазари на нафта, моќта на ОПЕК долго време е во опаѓање. Во 1970-тите беше способен да го диктира глобалното снабдување со сурова нафта.

Денес, производството на нафта од шкрилци во САД го прави ОПЕК сè поневажен. Едвај ги управува цените на нафтата. Заминувањето на Емиратите само ќе го забрза падот.

Обединетите Арапски Емирати веќе некое време размислуваа за својата иднина во организацијата. Членството во ОПЕК значеше дека мораа да го потиснат производството на нафта во согласност со интересите на другите членки, предводени од Саудиска Арабија. Се чини дека војната во Иран конечно го натера Абу Даби да престане да се држи до правилата, особено со оглед на можноста да профитира од потенцијално повторно отворање на Ормускиот теснец.

ОПЕК не е единствената институција предводена од Саудиска Арабија против која се кренаа Емиратите. Откако почна војната во Иран, ОАЕ беше цел на повеќе напади со ирански ракети и дронови отколку која било друга земја од Советот за соработка во Заливот (GCC). Емиратите ова го гледаат ова како колективен неуспех на GCC и ја префрлаат вината врз доминантната сила - Саудиска Арабија.

Истото важи и за Исламската воена коалиција за борба против тероризмот (IMCTC), сојуз на сунитски држави создаден токму за борба против Иран. Значи, без разлика дали станува збор за IMCTC, GCC или ОПЕК, Емиратите очигледно сметаат дека овие организации предводени од Саудиска Арабија премногу се држат до саудиските интереси, на сметка на интересите на Абу Даби.

Всушност, во изминатите години, Абу Даби води надворешна политика спротивна на саудиската. Двете земји неодамна се судрија во граѓанската војна во Судан, во Јемен и за Сомалиленд, делумно признаена држава северно од Сомалија. 

Постои јасна насока во креирањето политики на Абу Даби - да се приближи кон САД и Израел. Сигнал за тоа беше одлуката да ги потпише Аврамовите договори со Израел во 2020 година. Се чини дека со тоа ОАЕ настојуваат да се издвојат од исламистичката геополитика, оддалечувајќи се не само од Саудиска Арабија, туку и од Катар. Напуштањето на ОПЕК ја потврдува нивната намера да функционираат како независен актер кој повеќе не е врзан за никаква перцепирана верност кон Заливот, Арапите или Муслиманите.

Ова треба да ги разбие сите илузии за кохерентен муслимански или исламски свет. Подготвеноста на Иран да води џихадистички војни преку посредници со децении, честопати на штета на своите соседи, веќе ги урна сите тврдења за муслиманско единство. Раздорот меѓу ОАЕ и Саудиска Арабија, официјално го означува крајот на „муслиманскиот свет“ како политичка единка.

ОПЕК би можел да опстои некое време. Преживеа и други заминувања, вклучувајќи ги и оние на Катар, Ангола, Еквадор и Индонезија во изминатата деценија. Но, излегувањето на ОАЕ ќе му наштети. Емиратите долго време се трет најголем производител на нафта во групата и единствената држава, покрај Саудиска Арабија, со резервен нафтен капацитет потребен за одржување на пазарите.

Ако земји како Венецуела, Нигерија и Казахстан, решат да ги следат Емиратите, ОПЕК би можел формално да се распадне. И со оглед на тоа што интересите на ОАЕ сега се разликуваат од оние на Саудиска Арабија, би можеле да видиме појава на нова ривалска група земји производители на нафта, усогласени со САД. Во секој случај, регионалниот поредок на Блискиот Исток, растргнат од војна и геополитички ривалства, се престројува пред нашите очи.

Кунвар Хулдун Шахид

30 април 2026 - 15:32