
Како што станаа јасни резултатите од претседателските избори во Романија, можеше да се видат широки насмевки по лицата на владејачките класи во ЕУ. Нивниот човек победи. Со 54% од гласовите, про-ЕУ и про-НАТО градоначалникот на Букурешт Никушор Дан го победи евроскептичниот десничарски националист Георге Симион, кој освои 46%.
Главешините од ЕУ гледаат дека Романците гласале на „вистинскиот“ начин, за „вистинскиот“ кандидат. Но, прикриваат непријатна вистина. Романците гласаа како што гласаа на овие избори затоа што државата го стави палецот на вагата - откако тие гласаа на „погрешен“ начин во ноември минатата година.
Тогаш првично се одржаа претседателските избори. Но, во првиот круг десничарскиот националистички аутсајдер Калин Георгеску од никаде ги победи кандидатите на некогаш доминантните центристички партии во Романија, Социјалдемократската партија и умерената десничарска Национал-либерална партија. Во финалниот круг противник беше друг аутсајдер, поранешната телевизиска новинарка Елена Ласкони. Романската држава одлучи дека тоа нема да се случи.
Романските разузнавачки служби веднаш стапија во акција и за неколку недели објавија досие во кое наводно се прикажани руски обиди за нарушување на изборите. Врховниот суд потоа презеде чекори без преседан за поништување на резултатите од првиот круг, го откажа вториот круг и нареди претседателските избори да бидат повторени оваа пролет. Кога Георгеску беше подготвен повторно да се кандидира и, според анкетите, повторно да победи, изборното биро во март му забрани да учествува на понатамошни избори.
*****
Претседателските избори овој месец беа обликувани од потресите од она што се случи лани. Градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, експлицитно се претстави како про-ЕУ кандидат на естаблишментот. Во исто време тој и неговите поддржувачи успешно го претставуваа неговиот ривал Симион за проруски кандидат.
Со оглед на зголемените влогови, не е изненадување што излезноста на изборите беше до 65% - највисоко ниво во последните 25 години. Бројот на гласови од Романците во странство достигна рекордно ниво, некаде близу 2 милиони. Веројатно е дека поголемиот дел од гласовите на луѓе кои живеат и работат во ЕУ ќе биде за проевропски кандидат.
Нема сомнение за легитимноста на ова гласање. Сепак, над Симион виси неправда. Романците ја изразија својата демократска волја пред шест месеци. И бидејќи тоа не им се допадна на романските владејачки елити и нивните поддржувачи од ЕУ, нивната волја беше одбиена. Им беше кажано да гласаат повторно на избори многу поинакви од оние лани.
Лидерите на ЕУ може да тврдат дека Романците ја „избрале“ ЕУ. Дека конечно гласале на „вистинскиот“ начин. Но, по која цена за демократијата?
Тим Блек, Spiked