Хеф беше насмеаниот макро на сексуалната револуција, со седативи (Quaalude) за жените и Вијагра за самиот себе - татко на зависноста од порно и на пореметувањата во исхраната, на абортусите и разводите и сифилисот, претенциозен измамник кој ги објавуваше приказните на Апдајк што никој не ги чита, додека набавуваше месо (жени) за славните личности, револуционер чија револуција главно им користеше на луѓе како него.
Неговиот живот ги оправда моралните критичари, конзервативците и феминистките: она што започна како разговор за џез и Пикасо и други знаци на добар вкус, заврши како лигава истрошеност која би била за жалење дa не беше толку експлоатирачка.
Раниот Хеф имаше луле и одело и референци од висока класа за секоја ситуација; тој дури тврдеше и дека има филозофија, тоа последно засолниште на подлите. Меѓутоа доцниот Хеф беше развратен, евтин Петар Пан, играјќи на картата на непрекинатото момчештво - сладолед за појадок, и цел ден во пижами - додека неговите телохранители ги изнесуваа машките ѕвезди од неговиот платен харем, а неговиот череп се смееше под исушената кожа.
Последната фаза беше разубавена од реалното шоу „The Girls Next Door,“ кое ги држеше оргиите на страна, а чија чудна привлечност се потпираше на мешавина на очај, досада и харизма на девојките. Сведоштвата од зад сцената беа уште помрачни: депресија и дрога, „валкани теписи во ходникот и завеси кои мирисаат на мочка од кучиња,“ можност да се почека додека Хеф „го собере кучешкиот измет од килимот - и потоа да го побараме нашиот џепарлак.“
Нема потреба да се потенцира дека посмртниците за Хефнер, дури и оние кои ја признаваат неговата непријатна страна, се полни со пофалби за неговите големи дела: Хеф совладувачот на пуританизмот, Хеф политичкиот прогресивец, Хеф големиот бизнисмен и сè останато. Имаше дури и конзервативни пофалби кои тврдеа дека и покрај сите маани Хеф бил претприемач кој ги преферира фините работи во животот и ги слави разликите.
Каков куп ѓубре. Секако, Хефнер поддржуваше некои добри каузи и објавуваше некои добри писатели. Меѓутоа добрите дела и естетските аспирации се сосема случајни во неговото наследство - само еден поглед на неговото тргување со месо замачкува како Вазелин на леќа на порнограф. Работите што се изразито хефнеровски, што го направија влијателен и важен, се целосно расипани, а со тоа што беа дел од приказните кои луѓето обично ги величеа ја покажаа трулоста и на поголемата слика.
Неговиот успех како бизнисмен ја покажа скапаната страна на капитализмот - страната која го искористува апетитот за пари, која се храни како пијавица од нашите пороци, која го растура семејството и религијата ветувајќи дека конзумеризмот ќе ја исполни празнината што тие ја оставаат зад себе.
Социјал-либерализмот што тој го промовираше беше од расипан и самодоволен вид, либерализам кои ги привилегира мажите и високата класа, во кој силните и убавите и богати ги тераат своите мераци на сметка на ранливите, сиромашните и се уште неродените.
Он-лајн иднината што ја најави неговата кариера беше расипаната страна на интернетот - кралство на онанизмот и посебно скроената еротика, каде машката суета и чувство на имање право на нешто кое тој го уживаше се претвори во презир и мизогонија.
И неговото почитување на машко-женските разлики исто така беше гнило, премногу предаторски вид на почитување, од видот на Козби-Клинтон-Трамп, од оној кој седативите ги нарекува „отварач на препони“ и очекува девојките да се смеат, од видот кој повеќе преферира женски импланти отколку женски интелект и ја изнајмува привлечноста на младоста како бегство од реалноста на годините.
Нема сомнеж дека она што Хефнер ѝ го понуди на Америка ќе ѝ го понудеше и некој друг да се најдеше на негово место, и дека промените што тој помогна да се забрзаат ќе се случеа и без него.
Меѓутоа тој ги направи ваквите промени уште полоши, а нашата култура погруба и посурова и постерилна отколку што тоа го бараат либерализмот или феминизмот или слободата на говорот. И на секој битен начин неговата животна приказна покажа дека сме згрешиле што сме го слушале, затоа што на крајот од долгиот пат стоеше само деградирана, развратна сенилност, или очајно воодушевување од дворот на принцот Просперо додека Црвената смрт e пред портата.
Сега кога смртта го однесе, треба да ги преиспитаме нашите лични гревови. Либералите треба да се запрашаат зошто нивниот поход за слобода и еднаквост одбра таков капетан, и што кажува неговото наследство за нивната кауза. Конзервативците треба да се запрашаат како нивниот поход за вера и семејство и заедница заврши токолку хефнеровски самата по себе - со конзервативни новински мрежи кои како да функционираат по принципите на Плејбој вилата, и конзервативна партија која само што избра плејбој за наш претседател.
Овие прашања може и се поставуваат, ама тие се контра-поенти и минорни теми. Тоа дека само внимателни христијани и разгалени феминистки се подготвени да кажат дека човеков очигледно беше развратен и деструктивен самото по себе покажува колку длабоко продре гнојот што го ширеше Хју Хефнер.