
Денес е јасно дека терористичкиот и садистички напад на Хамас на 7 октомври 2023 година имаше за цел да го трансформира регионот. Тие акции против израелските војници и невините цивили, вклучувајќи масакрирање жени, деца и баби и дедовци; палење домови и земање околу 250 заложници, придружени со слики и видеа објавени на интернет, беа триумфални и намерно застрашувачки за Израелците и Евреите ширум светот. За Израелците, тоа беше најлошиот напад врз нивната земја во нејзината историја, од екстремистичка група која честопати ветуваше дека ќе ги уништи.
Тој ден беше доживеан толку страшно што денес, речиси две години подоцна, тешко ќе се сетиме дека експерти предупредуваа за воени злосторства и злосторства против човештвото на Израел само една недела по започнувањето на неговата одмаздничка кампања.
Израелскиот експерт за геноцид Раз Сегал тоа го нарече геноцид уште на 15 октомври, само осум дена откако започна офанзивата на Израел. Само во првите седум недели, Израел фрлил 30.000 експлозивни парчиња врз Газа, што Њујорк Тајмс го опиша како „една од најинтензивните кампањи за бомбардирање во современото војување“.
На 25 октомври, Израел, кој дотогаш веќе срамни со земја цели бегалски кампови и населби во една од најгусто населените урбани области на планетава, погоди седум станбени кули во Јармук во северна Газа; само во една од нив загинаа повеќе од 90 Палестинци, вклучувајќи најмалку 28 жени и 39 деца.
Тоа беа првите три недели; сега се поминати 88 недели.
До декември, Израел уби 20.000 луѓе, вклучувајќи 8.000 деца, 60 новинари и 130 хуманитарни работници. Тогаш Јужна Африка поднесе пријава за геноцид против Израел пред Меѓународниот суд на правдата. Набргу потоа, судот утврди дека случајот има веродостојни аргументи и му нареди на Израел да преземе мерки за да спречи геноцид.
Следниот месец, САД и други земји престанаа да ја финансираат Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации (UNRWA), клучна за обезбедување основни потрепштини и услуги во Газа, поради обвинувања дека 12 (!) од 30.000 нивни вработени биле вклучени во нападот на 7 октомври.
Во март 2024 година, дојдоа вести дека новороденчиња умираат од неухранетост. До април се знаеше дека Израел се потпира на често погрешни проценки на вештачка интелигенција за да идентификува цели на терен.
Таа пролет, Израел најави дека ќе ја нападне Рафа, кон која избегаа милион луѓе. Џо Бајден задржа пратка со бомби и ги предупреди Израелците да не ја напаѓаат Рафа, но тие сепак ја бомбардираа. Во мај, Меѓународниот кривичен суд објави потерници за лидерите и на Хамас и на Израел. Во јули, Израел фрли осум бомби од по еден тон врз јужниот крајбрежен регион ал-Маваси, кој требаше да биде безбедна зона.
Има уште. Тоа лето, лекарите се враќаа од Газа сведочејќи за снајперисти кои им пукаат во глава на мали деца. Не може да е грешка а да е двапати застрелано во глава“ изјави д-р Марк Перлмутер, ортопедски хирург од Северна Каролина (види на Офф: Децата на Газа).
Есента донесе уште една жестока кампања против северна Газа, најнаселениот дел од Појасот. Во октомври, американската лекарка Ферозе Сидва, заедно со 98 други медицински професионалци, испрати писмо до Бајден и Камала Харис во кое пишуваше:
„Со само маргинални исклучоци, секој во Газа е болен, повреден, или и двете. Тоа го вклучува секој хуманитарен работник, секој меѓународен волонтер и веројатно секој израелски заложник: секој маж, жена и дете“.
Кон крајот на 2024 година, според Обединетите нации, бомбардирањето на Израел раселило 1,9 милиони од 2,2 милиони луѓе. Поранешниот шеф на израелските одбранбени сили, Моше Јалон, тоа отворено го нарече „етничко чистење“.
Во јануари 2025 година, имаше прекин на огнот и слики од Палестинци кои слават на улиците а потоа Доналд Трамп ја презеде функцијата и ја најави „Ривиерата Газа“, гротескно ВИ видео кое беше јавно признание дека Израелците и Американците сакале да ги принудат Палестинците целосно да ја напуштат Газа.
„Ја расклопуваме Газа и ја оставаме во купишта урнатини“, рече во мај министерот на Нетанјаху , Безалел Смотрич. „И светот не нè запира“.
Денес, Газа е пострашна од кога било. На 18 март, Израел еднострано го прекрши прекинот на огнот и фрли толку многу бомби што само во една ноќ уби 436 луѓе, вклучувајќи 183 деца и 94 жени, според Министерството за здравство на Газа.
Израел воведе целосна опсада 77 дена, спречувајќи да стигне сета храна, гориво и медицинска помош. „Ниту зрно пченица, ниту капка вода, без медицински материјали, без вакцини за деца“, ѝ објаснила на Сузи Хансен од Интелиџенсер, директорката за комуникации во UNRWA.
Израелците ја прекинаа електричната енергија, онеспособувајќи ги медицинските машини што одржуваат луѓе во живот како и постројките за десалинизација на водата. Речиси целото обработливо земјиште е уништено, како и локалната рибарска индустрија, канализацискиот систем, речиси сите училишта и повеќе од 90 проценти од становите, така што луѓето мора да живеат во шатори или на болнички подови или во срушени згради.
Во мај, Нетанјаху рече дека ќе ја прекине опсадата, но ќе ја преземе дистрибуцијата на помош преку „Хуманитарната фондација Газа“. Таа ги замени 400-те места за дистрибуција на храна на ОН со четири.
Кога неухранети луѓе се упатија кон местата со кофи и тенџериња, Израелците отворија оган, убивајќи 27 лица еден ден и 31 друг ден. Израел призна само дека испукал предупредувачки истрели. Вкупниот број на смртни случаи на местата за дистрибуција има надминато 200.
Според Министерството за здравство на Газа, Израел од 7 октомври уби речиси 56.000 Палестинци, вклучувајќи 15.613 деца, 8.304 жени и 3.839 постари лица, и повреди 116.991, од кои многу со ампутирани екстремитети и тешки, доживотни повреди. Но, има и далеку пострашни проценки: британското медицинско списание „Лансет“ процени дека кумулативниот број, вклучувајќи ги и индиректните смртни случаи и исчезнатите, може да биде повеќе од 186.000 (и тоа во јули 2024 година, пред речиси една година).
Една од причините зошто бројката е тешко да се утврди е тоа што илјадници луѓе веројатно се закопани под урнатините; ОН проценува дека ќе бидат потребни речиси две децении за чистење.
Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт рече:
„Она што го правиме сега во Газа е војна на уништување: неселективно, безгранично, сурово и криминално убивање на цивили“, додавајќи: „Тоа е резултат на владина политика - свесна, злобна, злонамерна, неодговорна. Да, Израел извршува воени злосторства“.
Всушност, терминот воено злосторство и не е соодветен за она што се случува во Газа, бидејќи сугерира дека се случува војна и дека во неа има некои злосторства. Газа е различна, бројот на воени злосторства е практично непресметлив а војната всушност не е војна, туку непрекинато мавање на едната страна по другата.