Дали Американцит веруваат дека нивната војна во Иран успева? Зависи кого ќе прашате.
Во минатонеделната анкета на Пју, 61 процент од Американците не одобруваат како Трамп го води конфликтот, додека 37 проценти се задоволни. Разликите се одраз на партиските афинитети: 7 од 10 Републиканци одобруваат како се води војната, но тоа го мисли само само еден од 10 демократи.
Задоволство евентуално може да се извади од обемот на нанесената штета: значаен дел од раководството - вклучувајќи го и врховниот лидер - се ликвидирани, воздухопловните сили и морнарицата на Иран се претежно уништени; неговата нуклеарна програма е дополнително уназадена; способноста за лансирање балистички ракети е деградирана.
„Зошто тогаш се чувствува како САД да ја добиваат битката, но ја губат војната? Одговорот можеби има врска со очекувањата. Самото преживување на иранскиот режим и неговата способност да ја поремети глобалната економија и да ги збогати американските противници сугерираат дека Исламската Република имала подобри карти во рака. Опстанокот и пореметувањето отсекогаш биле стратешки цели на Техеран во случај на војна. Видливата фрустрација на Трамп јасно става до знаење дека му пропадна брзата операција што ја посакувал“, пишува Форин Полиси.
САД можат да се сметаат за губитници заради максималистичките цели покажани на почетокот. Властите во Техеран најдоа замена за убиените лидери, и натаму испраќаат ракети кон Израел и сојузниците на САД во регионот, Хезболах е десеткуван но преживеан а повеќеслојната стратегија на Иран се обелоденува со тоа што Хутите допрва се вклучуваат во игра.
Втора причина за гледање на војната како неуспех на САД би биле огромните економски трошоци што Иран досега му ги наметна на светот. Првенствено околу цената на нафтата и течниот гас, но и на вештачките ѓубрива како и глобалните резерви на хелиум - клучна компонента не само во детските балони, туку и во производството на полупроводници.
Трета причина зошто се лузери е што за разлика од нивната ирачка катастрофа со Буш, овојпат не поработеа ни на домашна ни на меѓународна поддршка и одобрување.
Обидот на САД да ги контролира растечките цени на нафтата доведе до тоа Иран денес да заработува од нафтата повеќе отколку пред војната а Русија од неа да инкасира 150 милиони доилари дневно.
А сметката за војната веќе е стигната во Вашингтон (види САД ќе кратат од здравството за да ја платат војната во Иран).
Можно е ова да заврши со тоа што секој со нешто ќе се фали: Иран затоа што пружил отпор на најголемата воена суперсила во светот, Израел дека ги десеткувал капацитетите на своите непријатели а Трамп да повторува дека такви жестоки напади никој досега нема изведено.
Но, што со тоа?
Режимот во Иран е победник со самото тоа што преживеа. Сфатија кои им се главни адути во таков конфликт и дополнително ќе работат на дронови а можеби и нуклеарна програма.
„Трамп погрешно ја процени природата на иранскиот режим и како неговата големина и географија го прават значително различен од Венецуела, земја чиј лидер го заробија во пижами“, пишува Рави Агравал, главен уредник во ФП.
„Помислете на оние кои долго страдаат во регионот. Во Иран и Либан, илјадници луѓе се убиени, а повеќе од еден милион се раселени. Во Израел, луѓето две години трчаат во бункери на секој звук на сирените. Луѓето од земјите од Заливот, мораат да се справат со нестабилност што никогаш не ја замислувале кога се преселиле во Дубаи или Доха. Ако треба да им се врати некоја нова војна, за што беше сево ова?“
И не неважно: некаде во Иран сè уште постојат околу 440 килограми високо збогатен ураниум, спремни за некои идни ирански лидери, веројатно поодмаздољубиви од стариот Хамнеи.