Томас Фази:

Европа, окупиран континет

Европските земји ги поткопуваат своите суштински економски и безбедносни интереси. Потчинетоста кон трансатлантските интереси може да се објасни единствено како вазализација. НАТО не функционира како одбранбена организација, туку како апарат за контрола, а ЕУ како политичко крило на овој империјалистички поредок, забележува Томас Фази во обраќање на форумот Исток-Запад во Истанбул.

Ако ги погледнеме чекорите што европските земји ги презедоа во последниве години во однос на економската политика, безбедноста, геополитиката, а особено во контекст на војната во Украина, невозможно е да се тврди дека овие земји ги следеле своите национални интереси – без разлика колку широко би го толкувале тој поим. Европските земји систематски ги поткопуваа своите клучни економски, безбедносни и геополитички интереси. Логичното прашање тогаш гласи: Зошто? Според мене, постојат две можни објаснувања за ова.

Едно можно објаснување е следново: европските лидери биле во заблуда и постапиле непромислено; и покрај сите јасни докази за спротивното, тие го следеле и сè уште го следат она што го сметаат за национален интерес на својата земја. Се разбира, оваа претпоставка би била веродостојна ако не било возможно да се предвидат последиците од ваквите политики. Но, тоа воопшто не беше случај. На пример, беше очигледно дека прекинувањето на врските со евтиниот руски гас ќе биде погубно за Европа.

Многумина од нас и јас лично пишувавме за ова уште во февруари или март 2022 година. Успеавме да го предвидиме ова не затоа што сме видовити, туку затоа што беше очигледно. Исто како што беше очигледно дека Украина нема шанси воено да ја порази Русија, дури ни со поддршка од НАТО. Следствено, беше исто толку јасно дека инсистирањето на максималистичко, исклучиво воено решение за конфликтот ќе донесе катастрофа за Европа – не само во економска, туку и во безбедносна смисла. Се разбира, ова важеше уште повеќе за самата Украина.

Многумина од нас го говорат ова уште од првиот ден. Затоа, освен ако не претпоставиме дека европските лидери биле премногу глупави – а некои од нив несомнено беа толку глупави – за да ја согледаат очигледната реалност дека оваа политика јасно била спротивна на интересите на Европа, како и да сфатат дека инсистирањето на таквата политика само ќе ја влоши состојбата, мораме да ја разгледаме другата можност: дека европските елити веќе подолго време не ги застапуваат ниту националните интереси на своите земји ниту, пак, колективните интереси на Европа во целина.

Со други зборови, класичната реалистична рамка – која сугерира дека сите држави тежнеат да ги бранат и максимизираат своите интереси во економска, воена и слична смисла – како да не важи за Европа. Гледано од оваа теоретска перспектива, курсот што го следи Европа останува целосно ирационален. Затоа ни е потребна поинаква концептуална рамка за да можеме да ја разбереме европската политика; а верувам дека најкорисната рамка во овој случај е „вазализација“.

Наједноставно кажано, Европа - при што мислам на речиси сите земји од ЕУ и на целокупниот бриселски естаблишмент - е „киднапирана“ од транснационализирана трансатлантска елита. Оваа елита воопшто не се грижи за конкретните интереси на сопствените земји, туку е, всушност, обврзана кон сосема поинакви интереси: приватни интереси – односно интересите на тесна олигархија (денес, главно интересите на транснационалните финансиски кругови и воено-индустриските структури) – како и кон странски интереси, поточно оние на империјалното јадро во Вашингтон (а, како нуспроизвод, и на Израел).

Па, како стигнавме до оваа точка? Несомнено, ова е резултат на еден многу долг процес што почна веднаш по крајот на Втората светска војна. Во тоа време, САД ја идентификуваа Европа како еден од клучните столбови на својата стратегија за глобална доминација. Проектирањето на американската моќ ширум светот бараше Европа да се држи под економска, воена, па дури и културна контрола. Всушност, уште од Втората светска војна, Европа се наоѓа под американска воена окупација. Иако поминаа осумдесет години од крајот на војната, на континентот сè уште се стационирани речиси 100.000 американски војници. Низ Европа сè уште постојат околу 30 стратешки американски бази. Според официјалниот дискурс, тие се тука за да нè заштитат. Да нè заштитат од кого? Од Русија, која не претставува никаква реална закана за Европа?

Би рекол дека Русија не претставуваше реална закана дури ни во годините на Студената војна. Оваа закана, всушност, беше во голема мера конструирана и преувеличена од самиот НАТО. Природно, НАТО никогаш немал за цел да ја брани Европа. Неговата главна цел беше секогаш да ја држи Европа под контрола, да осигура дека континентот е подреден на американските стратешки интереси и да ја проектира американската моќ ширум светот. Ова важеше вчера, а денес важи уште повеќе. Денес, НАТО не само што осигурува Европа да остане усогласена со интересите на САД - при што војната меѓу Русија и Украина е најочигледниот пример за тоа - туку служи и за проектирање на американската моќ низ целиот свет. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте - познат по тоа што гласно го изговара она што обично се премолчува – неодамна изјави дека од американските бази во Европа биле изведени 5.000 борбени летови како поддршка за американско-израелската агресија врз Иран.

Според тоа, Европа е целосен соучесник во овој напад врз Иран, и покрај пораките на осуда од страна на некои лидери. Всушност, Европа е дел од логистичката инфраструктура на американската воена моќ, овозможувајќи ѝ проектирање на сила кон исток, кон Русија, како и кон југ, кон Блискиот Исток. Затоа, сите дискусии за „НАТО 3.0“ или наративите за некаков раскол меѓу Европа и САД се само една голема претстава. Напротив, „НАТО 3.0“ дополнително ќе ја зацврсти подреденоста на Европа кон „Алијансата“.

НАТО, се разбира, беше само еден од инструментите. Американскиот апарат за национална безбедност, исто така, воспостави исклучително блиски врски со безбедносните апарати на европските земји. И, секако, САД долго време имаат огромна економска, технолошка и финансиска контрола врз континентот. Тие исто така воспоставија масивна културна и идеолошка доминација на континентот – не само преку популарната култура, туку и преку медиумите на англиски јазик, трансатлантските аналитички организации и лажните „невладини организации“. Потоа, тука е и една последна алатка, која често се занемарува, но која, според мене, е клучна: самата Европска Унија.

ЕУ долго време беше претставувана како потенцијален противтежа на американската моќ, но таа никогаш не функционирала како таква. Всушност, таа отсекогаш била клучен лост што ја врзува Европа за трансатлантскиот систем на НАТО, предводен од САД. Таа, всушност, функционира како политичко крило на НАТО. Оваа ситуација е особено очигледна денес, под водство на Урсула фон дер Лајен, која вложи огромни напори за да ги усогласи европските земји со интересите на САД, дури и спротивно на волјата на поединечни европски влади.

Денес се наоѓаме пред исклучително опасен праг. Бидејќи, преку ЕУ – која е структурно недемократска институција – трансатлантскиот естаблишмент на НАТО воспостави целосна економска и политичка доминација над европските земји. Според ниту една дефиниција, ова не се суверени држави; а следствено на тоа, тие не се ниту демократски, со оглед на тоа што суверенитетот е предуслов за народно самоуправување. Ваквата состојба ја прави можноста за постигнување системска трансформација преку избори уште потешка.

Накратко, може слободно да се каже дека Европа, во многу погледи, е окупиран континент. Според тоа, можеби најсуштинското прашање со кое се соочува континентот денес е како народите во Европа да се одвојат од трансатлантскиот систем и да постигнат деколонизација.

Се разбира, проблемите на Европа датираат од пред појавата на Америка на светската сцена како глобална империја. Суштината на проблемот е во длабоко вкоренетото непријателство што европските економски и политички елити со векови го чувствуваат кон демократијата и работничката класа. Кога денес го користиме поимот „либерална демократија“, претпоставуваме дека демократијата произлегла спонтано од либерализмот. Тоа е лага. Сите големи либерални мислители од минатото се спротивставувале на демократијата – поточно, на масовната демократија, замислена како политички поредок во кој секој има еднакво право на глас.

Демократијата што тие ја замислувале била демократија на имотните класи што поседуваат капитал. Всушност, масовната демократија е остварена, во голем дел, благодарение на често крвавите борби на работничката класа и социјалистичкото движење. Тука лежи главниот проблем. Народите во Европа уште од дамнина морале да водат жестока борба против сопствените елити.

Имаме едни од најлошите елити во светот. Тие не само што не се грижат за благосостојбата на луѓето од Глобалниот југ, туку воопшто не се грижат ниту за благосостојбата на сопствениот народ – народите во Европа. Токму затоа Европа, од минатото па сè до денес, е заглавена во насилство, политички конфликти и класни борби. Дури и во „златната доба“ на западниот капитализам, по Втората светска војна, масовната демократија била проследена со силни конфликти. Јас сум Италијанец: мојата земја беше поприште на масовни бранови на политичко насилство во 1970-тите и 1980-тите години. Слична динамика имаше и во Германија, Франција и во сите поголеми европски земји. А сепак, тој период се смета за зенитот на масовната демократија – и во многу погледи навистина беше така, бидејќи токму во тие децении беа остварени најголемите социјални и економски придобивки за широките народни маси во Европа.

Но, тие придобивки не беа резултат само на изборите, туку и на масовна мобилизација и политички конфликти со висок интензитет, кои честопати беа и насилни. Според мене, оваа слика открива еден многу подлабок јазол. Правата стекнати во повоениот период не им беа „подарени“ на луѓето; Тоа беше последица од фактот што, во текот на еден краток историски период, организираната моќ на работничките класи, на широките народни маси, успеа да одземе дел од власта од организираната моќ на капиталот - иако тоа секогаш беа релативни придобивки.

Проблемот е во тоа што основата - конкретните материјални услови - која ја овозможи масовната демократија денес во многу погледи е исчезната. Големите фабрики, каде што работниците се собирале и се организирале, веќе не постојат. Следствено, структурните и материјалните услови што ја создадоа масовната демократија во голема мера се изгубени. Покрај прашањето за ослободување од империјалното туторство на САД - што подразбира и расформирање на ЕУ - се поставува уште едно клучно прашање: како да ја вратиме демократијата и повторно да одземеме дел од моќта и контролата од политичките и економските елити, кога материјалната основа врз која во минатото ги остваривме тие придобивки веќе не постои? Нашите елити денес дејствуваат целосно неконтролирано, токму затоа што не преостанала никаква реална противтежа што би им се спротивставила. Тука лежи суштината на проблемот.

Томас Фази, во говор на Форумот Исток-Запад во Истанбул

16 октомври 2026 - 15:34