Светското првенство во 2018 година не беше пресвртница само за фудбалската репрезентација, туку и за германската економија. Дотогаш, таа важеше за една од најуспешните во светот – репутација што ја имаше уште од Втората светска војна. Последните осум години ги одбележаа деиндустријализација, нагли скокови на цените и постојани економски разочарувања.
Германците беа шампиони на индустријализацијата од 19 век, кога нивните научни и инженерски откритија го трансформираа светот засекогаш, не само со автомобилот и Ото-моторот. Денес Германија е една од најмалку дигитализираните напредни нации.
Падот на Германија е во голема мера приказна од типот „машина за пишување наспроти компјутер“. Со други зборови: тие се обложуваат на погрешна технологија. Факс-машините сè уште ѕвечат во ординации на германски лекари, а широкопојасните врски на земјата далеку заостануваат зад конкурентите.
До пред само 10 години, Кинезите произведуваа стоки за широка потрошувачка, а Германците им продаваа фабричка машинерија. Кина сега се натпреварува директно со автомобили и хемикалии, кои порано беа германски специјалитети. Но, за падот на Германија не е виновна Кина, туку сопствената самодоволност, ароганцијата и слабото инвестирање. Германската автомобилска индустрија требаше да биде на чело на истражувањата на вештачката интелигенција: автономното возење ќе стане голема бизнис во овој век. Но, светските лидери во овој сегмент се Американците, Кинезите и Израелците.

Машината за пишување повеќе не може да биде конкурентна. И бензинските автомобили сè уште се продаваат, но со опаѓачки маржи на профит. Во Германија сè уште ќе се произведуваат коли, но во фабрики во сопственост или под управување на Кинези, кои ќе го враќаат профитот во својата земја. Германскиот индустриски сектор ќе продолжи да се намалува и нема да се опорави. Се сеќавате ли што се случи со Детроит? Сега закрепнува, но за тоа беа потребни децении, а Германија ја нема релативно динамичната и децентрализирана политичка структура на САД.
Светот се промени, но Германија не. Зошто би се променила, кога сè уште е богата и удобна? Го има еден од најдарежливите системи за социјална помош во светот.
Фубалската федерација барем презема некакви чекори. Го отпушти селекторот Јулијан Нагелсман и го ангажира Јирген Клоп, кој ја има поддршката од сите влијателни луѓе во фудбалскиот естаблишмент на земјата.
За жал, Фридрих Мерц не е Клоп. Тој тешко може да го препознае расположението на нацијата, а камоли да изгради успешен тим. Со коментарот по поразот на пенали од Парагвај покажа колку е отсутен од реалноста.
Каков натпревар. Со вашата посветеност и тимскиот дух на ова Светско првенство, ја воодушевивте нашата земја.
Збунетите Германци се прашуваат дали канцеларот „воодушевен од поразот“ го гледал истиот натпревар.