Демократијата бара да ти биде нелагодно

Правото на несогласување е граѓанска доблест, пишува Мајкл Блумберг во колумната за Блумберг.

Американската политика не функционира, и премалку луѓе размислуваат како да ја поправат. Претседателството на Доналд Трамп возбуди силни и честопати гневни чувства меѓу противниците и симпатизерите, но проблемите се многу подлабоки од тоа. Сè повеќе и повеќе политички гнев изгледа дека ја преплавува политичката активност. А да не заборавите: без активност, либералната демократија не може да преживее.

На пример неодамнешните повици за бојкот на бизниси чии инвеститори го поддржуваат претседателот. Потрошувачите апсолутно имаат право да изберат кој бизнис ќе го поддржат по сопствена волја. На крајот, сепак тоа се нивни пари. Прашањето не е дали бојкотот на бизниси е легитимен. Ако промислено се користи, тоа може да биде важна алатка за прогрес, како што покажа движењето за граѓански права. Прашањето е дали Американците можат да живеат и работат заедно без да бидат апсолутисти околу политиката и нетолерантни кон разноликоста на гледишта.

Сржта на американската демократија е луѓето кои не се согласуваат, без разлика колку длабоко, да ги стават на страна своите гледишта, да дозволат демократскиот систем базиран на Уставот да ги реши актуелните проблеми, да го прифатат исходот до следните избори, и да продолжат да бидат продуктивно ангажирани еден со друго во текот на нивниот живот. Едноставно кажано, здравата демократија подразбира живеење со несогласувања, а не нивно елиминирање.

Еден од највознемирувачките аспекти на скршнување од дискурсот на либералната политика може да се најде во тренинг камповите за идните лидери: колеџ кампусот.

Оваа тажна реалност посебно се виде во неколку колумни објавени минатата недела во Блумберг опинион од Стивен Џерард, професор по филозофија на Вилијамс колеџот. Џерард цитира писмо од студенти кои го излагаат своето мислење на темата: „Слободата на говорот, како термин, беше искористен од десничарски и либерални партии како дискурзивна маска за расизам, ксенофобија, сексизам, анти-семитизам, хомофобија, трансфобија, класизам и дискриминација на луѓе со хендикеп“.

За жал, не се само студентите оние што го сметаат слободниот говор за штетен.

На состанок во Вилијамс колеџот на тема слобода на говор, професор изјавил дека „да се бара доказ за насилни пракси е само по себе насилна пракса“. По оваа логика универзитетите мора да го потиснат самиот чин на размислување. Неверојатно, ама многумина се подготвени да пробаат.

Во 2015, Комитетот за слобода на изразување на Универзитетот во Чикаго, објави изјава во која се потврдува централноста на слободниот говор. Во неа се наведува „фундаменталната посветеност на Универзитетот е кон принципот дека дебатата и размислувањето не смеат да бидат потиснати затоа што нечии идеи од некого или од мнозинството од универзитетската заедница се сметаат за навредливи, немудри, неморални и во погрешен правец.“

Не така одамна, ова би се сметало за неконтроверзно. Универзитетите или се за слободно истражување, или се за ништо. Повеќе од 4 години подоцна, само околу 67 институции - од над 4.000 низ САД - ја имаат прифатено или поддржано изјавата од Чикаго.

Немањето поддршка за изјавата од Чикаго меѓу лидерите во високото образование помогна да се дозволи нетолерантноста да се всади подлабоко во културата. Идејата дека зборовите можат да бидат форма на насилство, кое е закана како и вистинско насилство, сега е распространета. Како резултат на ова, обемот на мислења кои треба да бидат потиснати, наместо да бидат чуени, доведени во прашање или отфрлени, е масовен.

Не прави многу разлика дали радикалната нетолерантност кон несогласувањето се базира на претераната желба за „безбедност“ или пак почива на подеталната, но ништо помалку неточна, теорија за говорот како насилство. Исто така не е важно дали таа потекнува од омразата кон Претседателот Трамп или приврзаноста кон него. Без разлика, ваков вид на култура не може да одржи либерална демократија.

Пристапот кој бара молк околу спорните прашања, или ја прелива горчливата политичка поделба во трговијата и секоја друга сфера на животот, само ќе успее подлабоко да ја расцепи земјата.

Демагозите од лево и десно секако ќе имаат просперитет во таква средина. Либералната демократија нема да има. Доста со „говорот е насилство“. Обновувањето на способноста да не се согласуваш без да станеш смртен непријател е новиот и најитен граѓански императив.

Мајкл Блумберг,
Блумберг

1 октомври 2019 - 16:03