Овации на Долни Сарај: Светска џез вечер во рамките на Охридско лето

Со силна енергија, виртуозни изведби и музика што ги спои традицијата и современиот звук, Националниот џез оркестар приреди спектакуларна вечер на сцената на Долни Сарај во Охрид.

Концертот „Македонски сновиденија“, одржан во рамките на фестивалот Охридско лето, покажа дека македонските фолклорни мотиви можат да добијат нов живот и да прозвучат модерно, урбано и светски.

Предводен од диригентот Владимир Николов, оркестарот изведе нови аранжмани на македонски народни песни и оригинални композиции инспирирани од богатата домашна музичка традиција. Секоја композиција носеше различна емоција, но заедничката нишка беше јасна , длабока почит кон корените и храбар поглед кон современата музичка сцена.

Посебни реакции предизвика изведбата на „Билјана платно белеше“, преработена во нов џез-аранжман од Гордан Спасовски. Нумерата беше создадена по иницијатива на А1 Македонија, генерален спонзор на Охридско лето и покровител на концертот.

На сцената настапи и специјалниот гостин Питер Сомуа, трубач од Гана и добитник на престижната Edison Jazz Award, кој со својата енергија и оригинален звук дополнително ја збогати вечерта.

 „Македонски сновиденија“ покажа дека кога традицијата ќе се поврзе со креативност, врвна уметност и современ музички израз, резултатот е доживување што ја надминува сцената. Горди сме што како генерален спонзор на Охридско лето поддржуваме проекти што го афирмираат нашето културно наследство и го доближуваат до нови генерации и нова публика. Токму тоа за нас значи вистинска културна врска”,  изјави Бранкица Толевска, раководител на оддел за бизнис-трансформација, корпоративна стратегија и корпоративни комуникации во А1 Македонија.

Концертот на Долни Сарај беше уште една потврда за квалитетот и меѓународниот потенцијал на Националниот џез оркестар, кој со своите настапи во Виена, Прага, Будимпешта и Брисел веќе изгради препознатливо место на европската музичка сцена.

Охридската публика доби вечер исполнета со емоции, врвна музика и енергија која долго ќе се памети.

(Комерцијален текст)

 

17 август 2026 - 11:11