AVON донира 10.000 долари за помош на жените жртви на семејно насилство во Македонија

Ставајќи ја општествената – одговорност како компаниски приоритет,  AVON донира 10.000 долари за кризниот центар „Надеж“ кој веќе 16 години обезбедува помош на жртвите на семејно насилство во Македонија.

Станува збор за организација која има отворено СОС – линија и нуди правни совети, психолошка помош и сместување во првите денови откако жените – жртви го напуштиле домот каде биле малтретирани. Козметичкиот гигант AVON на глобално ниво, преку својата фондација, има активна програма наречена „Проговори против семејното насилство“, а средствата кои се донираат и вложуваат во неа се собираат преку продажба на посебни производи од нивната палета обележани со симболот на бесконечност.

AVON во земјава има организирано неколку успешни кампањи насочени кон борбата против ракот на дојка, а ова е првпат да се донираат средства за помош на жртвите на семејно насилство како и за подигање на свесноста за постоењето на проблемот во Македонија.  

- AVON Македонија, во изминатите години, преку несебичното залагање и поддршка од своите активни Претставници на терен успеа да собере значителна сума на средства, остварени преку продажба на производите од сината линија за борба против семејното насилство. Важно да се истакне дека 100 отсто од продажбата на специјалната линија на производи со знакот за бесконечност е наменета за кампањата против семејно насилство – изјави Дана Стојкова, национален менаџер за продажба на AVON за Македонија и Црна Гора на денешната прес-конференција.

Верка Угриновска, претседателката на кризниот центар „Надеж“ посочи дека оваа донација ќе придонесе за промена на секојдневието и перспективите на многу жени - жртви на семејно насилство.

- Статистиките врзани за семејното насилство на глобално ниво се застрашувачки, но нашиот тим ги знае приказните и ги запознава жените и девојките кои минуваат низ сето тоа. Зад секоја бројка стои човек и по долги години работа на ова поле можам да кажам дека исклучително важно е сите заеднички да работиме за да ги придвижиме работите на подобро – додаде Угриновска.

AVON е компанија со американски корени и донацијата, како и целокупната кампања во земјава, ја поддржа и заменик – амбасадорката на САД во Скопје, Микаела Швајзер Блум.

- Зборувајќи јавно, заедно можеме да ја отстраниме стигмата што ги спречува жртвите да го пријават насилството, да бараат засолништво и да го обноват својот живот. Можеме да пратиме јасна порака дека семејното насилство никогаш не е прифатливо. Браво за AVON што гледа подалеку од профитот и го зголемува придонесот за заедницата – изјави госпоѓата Швајзер – Блум на средбата со новинарите.

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, го поздрави потегот на AVON.

- Имајќи ја предвид тешката состојба со која се соочуваат жените кои преживеале насилство и недостатокот на сервиси за помош и поддршка, би сакала да изразам голема благодарност на AVON за долгогодишната посветеност на ова прашање, преземање на конкретни акции и директно вклучување преку поддршка на женските граѓански организации кои обезбедуваат сервиси за жените жртви на семејно насилство. Треба да имаме на ум дека поддршката на жените жртви не значи хуманост, туку значи општествена одговорност кон членовите на заедницата во која живееме. Затоа испраќам апел до сите фирми и претпријатија да го следат примерот – посочи Димушевска.

Компанијата и во иднина планира да вложува во подигање на свесноста и решавање на проблемот со семејното насилство во Македонија. Посочуваат дека ова е прва донација, но не и последна.

(комерцијален текст)

26 октомври 2016 - 15:39