Што прават денес раните ѕвезди на Јутјуб?

Сите почнале од забава и на сите им било забавно, сè додека не дојде ден кога ќе си кажеш дека е глупо секое станување да се црташ пред камера.

Вечерта на 14 февруари 2005 година, тројца дечки го регистрираат сајтот YouTube.com а два месеца подоцна еден од нив го закачува првиот видео клип со што бива лансирана платформата која во многу работи го има сменето светот. 

Денес ја посетуваат преку две милијарди луѓе а секоја минута се додаваат нови 500 часа материјал. Лани најмногу заработи осумгодишниот Рајан (26 милиони долари) а бројот на луѓе кои заработуваат пет и шест-цифрени суми, секоја година се качува за околу 40%.

На 15 годишнината на платформата, Гардијан решил да види што денес прават некои од раните ѕвезди на Јутјуб.

Олга Караева, 37

Пријател стави видео на Јутјуб во 2006 и ме замоли да отворам акаунт за да го поддржам. Уште не го разбирав концептот, дури мислев дека сајтот се вика “U2.com”. Отворив акаунт и за име го искористив тогашниот пасворд од банкарската сметка “OlgaKay”. Ме фасцинираа луѓе кои зборуваат во камера, претходно немав видено такво нешто.

До 2014 имав милион следачи и продуцирав по 23 видеа неделно. Помислив дека нејќам и на 40 години да го правам тоа, да бидам некој кој секое утро ќе стане, ќе се нашминка и ќе се стави пред камера. Во 2016 решив да направам подолга пауза и гледав како публиката се топи.

Олга денес продава некакви тинејџерски чорапи со уши кои ги на Амазон и во 130 дуќани во Америка.

Чарли Мекдонел, 29

На Јутјуб почнав од мрза, како хоби, тогаш од тоа не се заработуваа пари. Сакавме со другар да правиме филмче кое ќе биде пародија на игрицата Зелда. Чудно ми е кога денес ќе слушнам дека на деца главна аспирација во кариерата им е да бидат Јутјубери. Такво нешто не постоеше „во мое време.“ Иако имав милиони следачи, доста ми беше. Прегорев. Не можев веќе да ставам нови видеа секоја недела и сфатив колку всушност сум среќен кога не сум пред камера.

Мекдонел денеска е дел од продукциска компанија која работи со влогери. Развива формати и пишува сценарија.

Емануел „Мани“ Браун, 23

Снимав како играм Фифа. Кога имав само 2.500 следачи, некое дете од школо ме праша: „Ти си оној Мани од Јутјуб?“ Ми беше срам што сум познат по тоа што играм Фифа. Кога имав 7.500 следачи, почнав да заработувам по 10 долари од видео, како спонзорство од Фифа. Напуштив школо кога има 60.000 следачи, брзо стигнав до 100.000 и после се качуваа за 30К секој месец. Денес ме следат 1,7 милион луѓе а моите видеа се гледаат 250.000 пати секој ден. Секоја година ја започнувам со прашањето: „Можеш ли ти ова уште 12 месеци?“ и одговорот секогаш ми е: не. Ама засега уште се држам. Знае тоа да биде исцрпувачки и да го исцеди човек но гледам некако да направам баланс во животот.

повеќе

18 февруари 2020 - 11:23