Новиот предлог, кој е поддржан од неколку страни, вклучувајќи ги Круз и Рубио, не само што предвидува поништување на претходната одлука на Федералната комисија за комуникации, туку во иднина ќе и забрани на агенцијата воопшто да носи вакви одлуки.
Паралелно со ова Комисијата треба да се справува и со тужба од телеком индустријата според која се става под знак прашање овластувањето на ФЦЦ да одлучува за нет-неутралноста. Нивната забелешка е на иста линија со онаа на конгресмените, и се однесува на тоа дека не е работа на ФЦЦ да решава за нет-неутралноста, туку тоа треба да го одлучува Конгресот.
Дури и ништо да не се смени во ланската одлука за нет-неутралност, интернет провајдерите веќе наоѓаат пропусти во Одредбата на отворен интернет, кои комплетно би го поткопале самиот концепт на нет-неутралност.
Моментално провајдерите се сведени на македонски провајдерски правила од пред една деценија, односно ограничување на сообраќајот што корисниците го добиваат. По надминување на дозволениот месечен сообраќај имаш избор меѓу намалување на брзината и доплаќање за истата брзина. Меѓутоа во ова броење сообраќај провајдерите исклучуваат неколку апликации и веб-страни од месечното ограничување. Овој пропуст значи дека провајдерот може да бира пристапот до кои апликации ќе биде мерен во месечниот сообраќај, а до кои ќе биде неограничен. Ова е токму она против што се бореше нет-неутралноста, меѓутоа никаде не е експлицитно забрането.
Веризон и ЕјТи енд Ти, воведоа спонзорирани дата услуги кои им дозволуваат на трети компании да "го субвенционираат користењето интернет" на нивните претплатници. Веризон го нуди својот сопствен видео стриминг сервис без го брои во месечниот сообраќај, исто како што и Комкаст го нуди Стрим ТВ сервисот.
За разлика од овие две, Т-мобиле (затоа што нема сопствен видео сервис) нуди стримување видео кое не се брои во месечниот сообраќај, меѓутоа од трети сервиси како Нетфликс или Хулу.