Првично замислената и посакувана слобода на компјутерската мрежа не постоеше уште многу пред укинувањето на нет-неутралноста, бидејќи најголемиот дел од нашето време на интернетот беше посветено на некој од технолошките гиганти Фејсбук, Гугл (сосе Јутјуб), Твитер, Нетфликс и други, кои директно ги менаџираат содржините што таму ги консумираме според тоа што тие мислат дека ние треба или сакаме да видиме.
Така, Гугл преку резултатите од својот пребарувач има незапирлива контрола врз тоа што ќе дознаеме и видиме на интернет, додека Фејсбук и Твитер ја имаат контролата врз разговорот со нашите пријатели, изолирање на се што е поинаку од она што ние мислиме и избирање кои од содржините на кои свесно сме се претплатиле ќе ни ги прикаже.
„Интернетот никогаш нема да биде неутрален се додека технолошкиот олигопол продолжи да задушува што ние гледаме кога ќе ги отвориме нашите пребарувачи.
Со други зборови, што ако непријателот е самиот интернет?“ пишува Друв Мехротра во текстот за Кварц.
Предлогот што тој го дава е интранет (затворена мрежа) наместо интернет. Мрежа во која ќе бидат поврзани цели населби или градови, без да излегува на веќе и онака загадениот интернет, и која сама ќе одредува на кој од овие природни монополи (без разлика дали телеком или социјална мрежа) кога и колку пристап ќе му дозволи до својата публика.
„Време е да се свртите кон внатре, да се изолираме од инфраструктурата која нè поврзува со интернетот, и да ги истражиме можностите за локална мрежна комуникација - помал кибер-простор каде може да биде замислена и практикувана нова форма на заедница. На крајот од краиштата, мрежата не мора да биде поврзана на интернет за уредите да комуницираат меѓу себе.
Интранетот е затворен и приватен кибер-простор кој содржи услуги што им се достапни само на оние кои физички се поврзани со неговата инфраструктура. Информациите и сервисите што се хостирани на интранетот не и се достапни на јавноста од интернет, затоа што јавноста не е поврзана со истиот хардвер. Ова би била мрежа која поврзува јасна алтернатива на интернетот без менаџираната галама од големите технолошки компании,“ пишува Мехротра.