На интернет има повеќе содржини од ботови отколку од луѓе

Нема ни три години откако ЧетГПТ се појави на интернет и од тогаш само пишува, пишува, пишува... И многу други четботи по него. За две години јазичните модели со вештачка интелигенција се изедначиле со луѓето во продукцијата, а сега имаат објавено онлајн повеќе содржини отколку сите луѓе заедно. Овој тренд ненадејно запрел и неколку месеци сме изедначени.

Интернетот се претвори во фабрика за содржини од вештачка интелигенција - и тоа неверојатно брзо.

Како што алгоритмите сè повеќе го дефинираат дигиталниот наратив, предизвикот за луѓето не е да го запрат развојот на ВИ, туку да ги направат генерираните содржини транспарентни и да го одржат кредибилитетот на статиите создадени од луѓе, забележуваат авторите на истражувањето од Graphite.io.

Анализата на повеќе од 65.000 URL-адреси во периодот од 2020 до мај 2025 година сведочи за експоненцијален раст на текстови создадени од алатки со ВИ. По случаен избор биле издвоени текстови со повеќе од 100 збора. За да се открие дали биле напишани од машина или од човек, била користена алатката ВИ-детектор на „Сурфер“.

Само една година по лансирањето на ЧетГПТ, во ноември 2022 година, содржините генерирани од вештачка интелигенција достигнале 39% од сите што ги имало на интернет. Продукцијата се изедначила лани – на секој текст напишан од човек, ботовите пишувале нешто повеќе од еден. Вкупното количество на содржини се изедначило при крајот на минатата година и, на големо изненадување, односот останал стабилен. Во мај, според извештајот, околу 52% од содржините на интернет биле креирани од машини, а 48% од луѓе.

Една од причините за изедначувањето е претпоставката дека бројот на корисници на дигиталните помошници се приближил до плафонот. Опен АИ го проценува неделниот број на активни корисници на 800 милиони.

Авторите на истражувањето забележале и феномен дека генерираните статии значително помалку се појавуваат при пребарувањата на Гугл и на ЧетГПТ.

Не проверувавме дали статиите генерирани од ВИ пропорционално стигнале до реалните корисници, но сметаме дека тоа не е случајот, наведуваат авторите, без да објаснуваат зошто е тоа така.

Graphite предупредува дека се можни лажни позитиви во резултатите, бидејќи денешните машини со ВИ се многу понапредни од првичната верзија на ЧетГПТ. Развојот е толку брз што и на детекторите им е тешко да препознаат дали некои содржини биле напишани од луѓе или од најнапредните модели.

22 октомври 2025 - 08:26