Твитер трајно ја банираше сметката на Трамп во петокот, заради претходни гревови и заради „ризикот од дополнително предизвикување насилство.“
Фејсбук му забрани на Трамп да постира на своите профили, најмалку во рок до две недели додека не се заврши транзицијата на власта. Закерберг изјави: „веруваме дека ризикот од дозволување на Претседателот да го користи нашиот сервис во претстојниот период едноставно е премногу голем.“ Пред ова Фејсбук го збирша видеото што Трамп го објави во средата во време на упадот во Конгресот, кога ги повика демонстрантите да се повлечат, но не го осуди упадот.
Истата мерка под исти услови на Трамп му ја пресуди и Инстаграм.
Во средата беше блокирана и Снапчат сметката на Трамп, заради „промовирање и ширење насилство.“
Од видео каналите, Твич целосно го изгаси каналот на Трамп, а Јутјуб „забрзано ги прегледува пријавите за изборни дезинформации и гласачки измами објавени од Трамп и другите канали.“
Шопифај, втората по големина глобална платформа за он-лајн продавници, изгаси две продавници со производи поврзани со Трамп и неговата кампања, исто така по основа на „поттикнување насилство“, а по некое време и сервисот за обработка на плаќања Страјп, објави дека повеќе нема да ги обработува трансакциите поврзани со кампањата на Трамп, која и понатаму продолжува да собира пари.
Иако Трамп нема ништо на Тикток, кинеската социјална мрежа масовно брише содржини со хаштаг #stormthecapitol или #patriotparty.
Од овие што се справуваат со сателитите на Трамп, Дискорд го забрани серверот The Donald, Пинтерест спречува хаштази како #StopTheSteal, а Редит го банираше r/DonaldTrump. Во целата работа настрада и социјалната мрежа Парлер, чија апликација прво беше повлечена од Плеј стор на Гугл (во скоро време најверојатно и од Ап стор), а потоа го изгубија и хостингот за мрежата на Амазон.