Како лајкот го упропасти интернетот

Ако немаш агенција што на Фејсбук има едно трло луѓе кои ги префрла од еден клиент кај друг или ако немаш пари директно да му платиш на Фејсбук, тогаш "енгејџмент" е мантрата што ќе ја слушаш на секој состанок со маркетинг агенција или некој од овие што работат со социјални медиуми. Баш овој "енгејџмент" (активност?) успева да го извади најлошото од онлајн медиумите.

Во текстот за Атлантик, Џејмс Сомерс објаснува како по згаснувањето на Гугл ридер, тој и уште еден пријател решаваат да направат клон на апликацијата на Гугл за читање РСС. И двајцата прават посебна верзија.

Пријателот во својата верзија вклучува додавање слики и гифови во коментарите, и можност за лајк. Сомерс во својата верзија прави што е можно потешко да се стави слика во коментарите, и никогаш не додава опција за лајк.

Во разговори со пријателот, Сомерс комплетно свесен за потребата од социјални опции во апликацијата, има дилема околу нивно додавање заради страв дека истите тие лајкови ќе му наштетат "на разговорот што се случува, бидејќи разговорот е главната причина за целата работа".

Иако околу оригиналниот Гугл ридер има сериозна активност, "тој ги нема опциите што денес ги поврзуваме со активност, и е многу лош во давање повратни информации од корисниците. Имаше лајкови на статиите што луѓето ги споделуваат, ама тие лајкови како да пропаѓаа во амбис."

"Кога пишуваш без да имаш повратни информации тогаш мораш да се потпреш на сопствената проценка. Секако дека сакаш да ја задоволиш публиката. Ама за да го направиш тоа мора да замислиш што и се допаѓа на твојата публика, и бидејќи тоа е тешко, на крај се потпираш на она што тебе ти се допаѓа.

Кога луѓето ќе почнат да ти кажуваат што им се допаѓа преку лајк копчето, ти неизбежно почнуваш да се наклонуваш кон нивната идеја за тоа што е добро. А бидејќи 'луѓето знаат да бидат екстремно слични во нивните вулгарни, похотни и глупи интереси и нескротливо различни во нивните рафинирани, естетски и благородни интереси,' она што го објавуваш почнува многу да наликува на она што секој друг го објавува, бидејќи сите отприлика сакаат исти работи и сите ловат лајкови.

Она што ми се допаѓаше кај Ридерот е дека незнаењето што сакаат луѓето ти дава некоја чудна слобода, можеби подобро опишана како прифатливо негирање," објаснува Сомерс.

Во физички допирливиот свет, печатените весници и магазините се потпираат на сличен модел на она што се случува во Гугл ридер. Тие не можат да знаат колку луѓе ја прочитале секоја нивна статија, и не можеле ни да помислат да имаат преглед какви сè социјални трансакции се случуваат околу која било статија.

Друга работа што го разликува денешниот интернет (содржински) од времето на Гугл ридер е што главната повратна бројка што ја добиваш од Ридерот е бројот на претплатници на твојот РСС. Во тоа време не е важен индивидуалниот пост и неговите метрики, туку медиумот како пакет, "беше нешто слично на магазин, каде колекцијата на статии буквално е поврзана една со друга, и тоа е колекцијата за која плаќаш и ја консумираш". Денес медиумите се повеќе стануваат "распакувани и се уште ги немаме целосно согледано последиците".

"Кога содржината е во пакет, тргнат е товарот од кој било поединечен текст да направи бум; поентата е пакетот да го направи бумот. И мислам дека ова има вистински последици. Мислам дека врз создавачите на содржини нема толкав притисок за креирање атрактивни стории. Тие можат да остават сториите да бидат неатрактивни на изглед, знаејќи дека читателите сепак ќе ги најдат затоа што биле дел од пакетот. Има простор и за неуреден наратив, и за различност. Како на пример есеј за тоа како се произведуваат портокали кој е направен толку долг што мора да биде поделен во два дела.

Наспроти ова, кога немаме пакет, што значи дека секоја статија мора да го оправда сопственото постоење во контент-о-сферата, на поединечните статии се става повеќе притисок отколку што тие можат да поднесат. И затоа најголемиот дел од она што го читаме денес на интернет има незапирливо тврдење или прашање во насловот кое текстот никогаш не успева да го испорача. Статиите мора да бидат реклама за себе - тие повеќе не можат да се надеваат дека пакетот ќе ги донесе читателите - а најдоброто рекламирање е вулгарно и претерано," пишува Сомерс.

 

22 март 2017 - 13:45