Кинеските функционери разгледуваат план за продажба на Тикток кој го вклучува Илон Маск како еден од потенцијалните сопственици, во случај компанијата да не успее да се спаси од забраната која треба да почне да важи на 19 јануари.
Едно од сценаријата што го има разгледувано кинеската влада е Икс да ја добие контролата врз Тикток Америка и заеднички да го водат бизнисот. Тикток има 170 милиони корисници во САД, посебно млада публика, која одлично ќе му дојде на Икс и неговите обиди за привлекување на огласувачи.
Кинезите допрва треба да постигнат консензус за тоа како ќе продолжат и во кој правец ќе ја тераат иднината на американскиот Тикток. Како што пишува Блумберг, Бајтденс не е запознаен со дебатата на кинеската влада, ниту дали Тикток и Маск се вклучени во истата на кој било начин.
Пекинг официјално се залага за Тикток да остане во сопственост на Бајтденс и тоа за нив е најдобра опција, меѓутоа разгледува и алтернативи откако судиите на американскиот Врховен суд на последното рочиште „сигнализираа“ дека најверојатно ќе ја поддржат забраната.
Илон е прифатлив за Кинезите и заради неговата блискост со Трамп, и се гледа како дел од напорите за одоброволување на идниот американски претседател и негово омекнување во потенцијалните преговори со него околу трговски тарифи и ограничување на извоз.
Кинеската влада има златна акција во Бајтденс што и дава одлучувачки глас во сите одлуки на компанијата. Вредноста на Тикток САД се проценува на 40 до 50 милијарди долари.