Фејсбук воведува предизборен молк

Глумејќи дека има вистинска контрола врз својата платформа или дека му е гајле што го офираат, Фејсбук забрани политичко рекламирање. Една недела пред денот на гласање. Само за новите реклами.

Одлуката за „предизборен молк“ на недела дена пред денот на гласање Закерберг ја објаснува со недостаток на време за новинарите и противкандидатите да ги побијат тврдењата во потенцијалната реклама објавена во тој период.

Ова е „лајт“ верзија на плановите на Фејсбук од јули годинава, кога беше објавено дека социјалната мрежа наводно планира комплетно гасење на политичките реклами на неколку недели пред изборите.

Стравувајќи дека заради временската разлика во затворањето на гласачките места може да има секакви дезинформации околу потенцијален победник што би довело до „граѓански немири и насилство“ од која било страна, Закерберг најави дека сите постови од политичари кои ќе прогласуваат победа пред официјалните резултати, ќе имаат етикета и линк кој ќе води до сајтот на Ројтерс и нивното постојано покривање на резултатите.

Фејсбук веќе отстранува апла дезинформации околу гласањето, од типот дека луѓето ќе можат да гласаат на ден по изборите. Најавата е дека ќе почне да се бришат и имплицитни дезинформации од типот дека секој со возачка дозвола може да гласа (американскиот закон бара граѓаните прво да се регистрираат за право на гласање).

4 септември 2020 - 10:39