ЕУ ќе го убие интернетот каков што го познаваме

Неодамна усвоениот GDPR е малку офтика и малку мачкање очи (вистинските злотвори ги заболе дали сте кликнале за колачиња), но она што следува допрва ќе го уништи ќефот на слободниот интернет.

На 20 и 21 јуни пред Европскиот парламент ќе се најде уште една контроверзна легислатива поврзана со интернетот која по европските институции ферментира уште од 2016 година. Таа ќе ги принуди сите што ставаат содржини на интернет, пред да објават нешто, тоа прво да мине низ филтер кој автоматски ќе ги блокира оние содржини кои потенцијално кршат нечиј копирајт со што на ЕУ потенцијално ѝ се дава увид во целата интернет содржина. 

Интернет провајдерите и веб платформите кои вдомуваат содржини ќе мора да имплементираат комплексни системи за содржинско  препознавање и филтрирање за да го задоволат спорниот член 13 кој се оправдува со желбата за пофер распределба на приходите. Сомничавите сметаат дека ваквата легислатива е само маска за идната цензура и се прашуваат зошпто некои дигитални стартапи би започнале  во ЕУ наместо на некое друго место на светот во кое нема да им виси европскиот Дамоклов меч на филтрирањето.

Многумина стравуваат дека ваквиот копирајт член дефинитивно ќе им пресуди на сите ремикси, мемиња, секакви облици на пародии и сè друго што денешниот интернет го прави шарен и разигран.

Во една хипотетичка ситуација, нема да можете да објавите своја видео снимка од ургентен јавен интерес, на пример пожар во комшиската зграда, ако негде во позадина на тоа видео има билборд со реклама чиј копирајт е во рацете на Проктер и Гембл.

 

4 јуни 2018 - 10:52