Платформата W беше промовирана на Светскиот економски форум во Давос како европски одговор на тензиите со доминантните американски информатички компании. Европската алтернатива е поддржана од советодавен одбор во кој се поранешни европски министри и директори од информатичкиот бизнис.
W всушност е правна подружница на „Ние немаме време“ – шведска медиумска платформа за климатска акција, која го обезбеди почетниот капитал.
Систематските дезинформации ја еродираат јавната доверба и го ослабуваат демократското донесување одлуки. Веруваме дека постои итна потреба од нова платформа за социјални медиуми изградена, управувана и хостирана во Европа. Со верификација на корисниците, со слобода на говор и со приватност на податоци во својата суштина, објави извршната директорка Ана Цитер.
Иако спомнува „слобода на говор“, директорката всушност сугерира дека платформата повеќе ќе биде насочена кон регулаторите, владите и институциите, наместо кон реални корисници.
Ако политичкиот Брисел почне да објавува на W наместо на X, веќе сме постигнале многу, изјави Цитер во интервју за Bilanz.ch.
Ако ни ова не е доволно јасен сигнал за политичката насока на W, Цитер за данскиот портал Politiken додава дека „ќе се бара идентификација и валидација на фотографии за да се осигури дека корисниците навистина се луѓето што се претставуваат“.
Група од 54 европратеници во понеделникот повикаа на креирање европски алтернативи на доминантните платформи. Тие истакнаа дека X, откако го промени сопственикот, „повеќе не е отворена и избалансирана алатка за политичка комуникација или новинарство“.
X не е „јавен плоштад“. Сега наликува на веб-страница со генерирана порнографија и еднонасочен систем за емитување за самиот Маск, напишаа тие во отворено писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Откако Брисел неодамна ја казни платформата X со 120 милиони евра поради кршење на правилата за транспарентност согласно Европскиот закон за дигитални услуги, сопственикот Илон Маск повика на укинување на Европската Унија. Тоа тешко ќе може да го направи било кој корисник на W, идентификуван со лична карта.
Планот е на лето да биде претставена бета-верзија на платформата W и да биде достапна за сите потенцијални корисници до крајот на оваа година.