Британија оди на 5 милијарди фунти

Интернет рекламирањето во Британија во 2012-та се очекува да ја достигне границата од 5 милијарди фунти (во наши пари 6 милијарди евра).

За да биде надмината границата од 5 милијарди, во 2012-та интернет огласувањето во Британија треба да порасне за само 4%. Во 2011-та компаниите потрошиле 4,7 милијарди фунти на рекламирање на интернет, што преставува раст од 14,4% во споредба со 2010-та.

Зголемената потрошувачка на интернет маркетингот во 2011-та се должи на растот на огласувањето на мобилни уреди и таблет компјутери (раст од 157%, вкупно 203 милиони фунти) и популарноста на видео сервисите како ITV player и 4oD кои лани заработија 109 милиони фунти.

Приходот од интернет банери во 2011-та достигна рекордни 1,13 милијарди фунти, стои во извештајот на ИАБ (Internet Advertising Bureau).

И понатаму главен сегмент на интернет маркетингот останува рекламирањето на резултати од пребарување, на кои отпаѓаат 58% од вкупниот буџет потрошен на интернет маркетинг. Во 2011-та овој сегмент бележи раст за 17,5% и заработувачка од 2,77 милијарди фунти.

Процентуално најголема корист од растот на интернет маркетингот ќе има Фејсбук, чија заработувачка годинава во Британија се очекува да порасне за 84% и да изнесува околу 175 милиони фунти. Во 2011-та, ФБ заработи нешто помалку од 100 милиони фунти.

3 април 2012 - 11:47