48 американски сојузни држави поднесоа тужба за растурање на Фејсбук

Главното барање на американските власти е Вотсап и Инстаграм да се одделат како две посебни компании надвор од Фејсбук.

Во тужбата се тврди дека Фејсбук нелегално ја потиснал својата конкуренција купувајќи ривали кои биле закана за неговата доминација. Ова ги опфаќа Инстаграм, купен за 1 милијарда долари во 2012 и Вотсап, купен за 19 милијарди долари во 2014. Овие инвестиции, меѓу другото, помагаат вредноста на компанијата денес да достигне над 800 милијарди долари, се наведува во тужбата.

„Фејсбук ја искористи својата монополска моќ за да ги уништи помалите ривали и да ја спречи конкуренцијата, и сето тоа на штета на секојдневните корисници.

Наместо да го подобри својот производ, Фејсбук ја искористи предноста од бројот на корисници и направи милијарди долари претворајќи ги нивните лични податоци во извор на пари,“ наведува главниот јавен обвинител на Њујорк, Летитиа Џејмс.

Јавната обвинителка на Делавер, Кети Џенингс, порача „не тужиме само за компанијата да одговара за своите постапки, туку и за да ги ослободиме корисниците од монополот и да им го овозможиме на граѓаните на Делавер изборот и слободата што тие ги заслужуваат.“

На сличен став е и ФТЦ (Федералната комисија за трговија) која бара растурање на компанијата, вклучително и одделување на Инстаграм и Вотсап, да му се забрани на Фејсбук да наметнува антимонополски услови на програмерите, и да биде задолжително за Фејсбук да бара дозвола и одобрение за сите идни преземања и спојувања со компании.

10 декември 2020 - 17:15