Системот кој моментално функционира во Кина се базира на тоа дека целото земјиште е државно, а градовите на долг рок им го изнајмуваат земјиштето на инвеститори и од тие пари ги покриваат трошоците што ги имаат, здравство, градинки, училишта итд.
Дури во април 2023 заврши деценискиот проект на кој работеа 100.000 луѓе во кој кинеската влада конечно ги дозна сопствениците на сите 790 милиони станови и останат имот во земјата. Ова ќе значи дека Пекинг ќе може да почне да го гради својот национален систем за данок на имот, само тоа нема да биде брзо завршено, прво затоа што ќе биде технички страшно комплицирано, второ ќе биде дополнителен економски товар врз граѓаните и најстрашно ќе открие кој функционер колку имот има.
Инаку уште во 2003 ЦК на Кинеската комунистичка партија одлучи дека во земјата ќе биде воведен данок на имот но само „кога условите ќе го дозволат тоа“.
Дозволите што ги издаваат градовите за изнајмување земјиште учествуваат со 7% во кинеската економија. За споредба меѓу 38 членки на ОЕЦД, тие се на 1,9%. Во САД данокот на имот што го наплаќаат локалните власти претставува 3% од БДП-то на земјата.
Проблемот за Кина е што изминативе години како што издишуваше пазарот на недвижности, така се намалуваат и приходите од дозволите за користење на земјиштето. Во минатото парите од оваа давачка и дозволуваа на Кина да ги држи другите даноци на ниско ниво, па земјата речиси и да нема данок на добивка, наследство или лично богатство, а локалните и централните власти главно зависат од големи даноци на продажба, плата и бизнис, плус дозволите.
Самите Кинези немаат толку многу против данокот на имот, туку главниот спор е дека тој треба да биде платен од инвеститорот, а не од нив. Проблем е и што благодарејќи на немањето данок јавните службеници имаа шанса речиси бесплатно да добијат станови, посебно во 1990-те.
Минатата година Кина размислуваше за воведување на „данок на палати“, но се откажа од страв дека тоа ќе му наштети на и онака фрагилниот пазар на недвижности.
Еден од предлозите е данокот на недвижност граѓаните да почнат да го плаќаат откако ќе истече дозволата, кои моментално во добар дел се на 70 години, што нема многу да помогне за сегашната криза.
Главниот оптимизам на поборниците за воведување на данок на имот е дека Кина го завршила регистарот на сопственици на недвижности, врз што може понатаму да се градат системи и планови за оданочување.