Внуката на Дизни: Од мали нè учат за пари да не ѝ веруваме на државата

Абигеил Дизни е автор на документарни филмови, ко-основач на продукциска куќа и домаќин на подкаст. Но, она што ѝ го одредува животот е што е внука на Дизни. Таа тоа уште подобро го знае бидејќи од мали нозе е учена како се чуваат таквите династии.

Кога пред некое време ПроПублика го објави даночниот профил на 25-те најбогати Американци, на многумина им паднаа вилици: како е можно плутократи како Елон Маск, Џеф Безос или Ворен Бафет да не платиле никаков данок на приходи на федералната влада (види: Како ултрабогатите остануваат ултрабогати). Шокот е уште поголем ако се знае дека никој од овие луѓе не мамел, не лажел и не направил никаков потег кој е илегален.

Ако сетот финти кои на ужасно богатите им овозможуваат радикално да го намалат плаќањето данок е познат, останува прашањето зошто толку богати луѓе сакаат да не платат данок бидејќи тоа и онака не би можело да ги осиромаши.

Затоа што така сме учени од мали, вели денес 61 годишната Абигеил Дизни во нејзината колумна за Атлантик.

„Постои еден фактор кој е заеднички во таа идеологија од која излегуваат практиките за избегнување плаќање данок: владата е лоша и не може да ѝ се верува кога се во прашање парите. Најдобро е богатството да се зачува за себе максимално што може а потоа со дел од него да се прават добронамерни и филантропски работи,“ пишува Дизни.

Таа тоа го научила уште од нејзиниот дедо Рој О Дизни, кој Со Волт Дизни е основач на фамозната империја Дизни. Тие двајца своевремено имаат развиено сериозна шема како да избегнат плаќање данок која била толку ефикасна што добар дел од финтите денеска се нелегални. 

Абигеил богатството го наследила на 21 година но веќе била форматирана дека не треба да ја троши главнината на капиталот туку да го зголемува и да им остави повеќе на своите деца кои ќе ги научи на истата филозофија.

Треба да се искористи ама баш сè што законот дозволува за да им се даде што помалку на државните бирократи кои и онака тие пари ќе ги злоупотребат, гласи еден од „божјите заповеди“ на овие чувари на американските династии.

27 јуни 2021 - 16:40