
По смртта на Џозеф Сафра во декември, на Вики и нејзините четири деца во сопственост и остануваат швајцарската Ј. Сафра Сарасин и бразилската Банко Сафра, две банки со имот од околу 90 милијарди долари. Плус фирмите поврзани со недвижностите на семејството, меѓу кои облакодер во Лондон и една од најпрепознатливите згради во Њујорк во близина на Централ Парк.
Според Индексот на милијардери на Блумберг, Вики и нејзините деца заедно имаат нето вредност од 16,2 милијарди долари.
Банкарското богатство на семејството Сафра потекнува од Алепо, Сирија, каде во 1840-те семејството ја основа Сафра Фререс, со цел финансирање на караваните со камили за време на Отоманската империја. Градот е и родното место на Џејкоб Сафра кој во 1953 го сели семејството во Бразил, каде основа компанија за трговија со метал, машини и говеда, а подоцна основа и банка.
Џозеф е најмладиот син на Џејкоб, кој во времето кога семејството се сели во Јужна Америка се уште студира во Лондон. Неколку години подоцна тој се сели во Бразил откако се влошува здравјето на Џејкоб. Таму ја среќава неговата идна сопруга, чие семејство исто така се емигранти Евреи но од Грција, и се селат во Бразил во 1950-те. Тие се земаат во 1969.
„45-годишниот Џејкоб е најстарото дете на Вики и Џозеф Сафра, и е одговорен за меѓународните операции на семејниот бизнис, додека најмладиот, 36-годишниот Давид, ја надгледува бразилската компанија. Нивниот татко, кој имаше Паркинсонова болест, мина повеќе од една деценија подготвувајќи ги да го преземат бизнисот од него,“ објаснуваат од Блумберг.
Парот има уште еден син, 41-годишниот Алберто кој го напушта семејниот бизнис (задржувајќи ги акциите) и ја отвора финансиската компанија АСА инвестментс; и една ќерка, 44-годишната Естер, која работи во образование и е раководител на Беит Јаков училиштето во Сао Паоло, основано од Сафра фондацијата.
Трансферот на богатство во семејството Сафра е едно од најголемите во историјата, но според Блумберг тоа е и дел од растечкиот тренд на ултра-богати семејства да префрлаат богатства со обем на голема корпорација:
- Роднините на Петр Кленер и Хајнц Херман Тил ќе наследат богатство над 25 милијарди долари.
- Во Јужна Кореја, сопругата на починатиот претседател на Самсунг, денес вреди над 7 милијарди долари откако наследи дел од акциите.
- Сопругата на Американецот Шелдон Аделсон, контролира богатство над 43 милијарди долари откако казино магнатот почина во јануари на 87 години.
Аналитичарите на УБС и Прајсвотерхаускуперс, проценуваат дека во следните две децении милијардерите ќе префрлат над 2.000 милијарди долари на своите наследници.
„Само мал број на семејни компании успеваат да останат во сопственост по третата генерација.
Во случајот со Сафра гледаме добро структуриран процес кој изгледа како подолго време да бил планиран,“ изјавува Роберт Бенто Видал, од Кембриџ фемили ентерпрајз, фирма која ги советува богатите семејства.