„Откако помнам, луѓе од северот секогаш ги претставувале Грците, Италијанците и генерално медитеранците како корумпирани. Ние од југот го имаме прифатено тоа бидејќи нема сомневањe дека постои ендемска корупција на југот на ЕУ.
Но, таа корупција е со низок интензитет, корупција на „ситната буржоазија“, евтина корупција.
За разлика од тоа, северот практикува корупција од индустриски пропорции. Систематска, прекрасно дизајнирана, високо софистицирана корупција.
Колку примери сакате да ви дадам?
Пред 20 години ФББИ го фати Сименс дека подмитил стотици, ако не и илјадници политичари ширум Европа за да се усвои нивната технологија и телеком опрема.
Да ги спомнам Новартис, Фолксваген, Ауди, Мерцедес - Бенц и нивниот Дизелгејт?
Само размислете, ова е корупција однесена на ниво на ракетна наука. Тие во нивните мотори имаа развиено системи кои детектираат кога ауспухот на колата е мониториран од некоја висока технологија на некоја агенција за заштита на средината. Кога машината ќе сфати дека е набљудувана од трета страна, одеднаш ја менува мешавината на горивото за да стане еко-френдли. Сфаќате ли дека се потребни стотици највешти инженери за да се смисли таков систем во дизел моторите, само за да мамат?
Ние на Медитеранот немаме таква технологија, не сме толку напредни.
Грчките банки отидоа во банкрот, така? Што направија? Направија германските работници да ѝ позајмат пари на грчката држава 50 милијарди долари со кои таа беше принудена да купува акции во тие банкротирани грчки банки, при што Грците немаа ни право на глас и одлучување како да се водат тие банки.
После тоа, истите банки можеа да ги продаваат заемите на малите луѓе кои овие не можеа да ги враќаат заради економската катастрофа. Потоа, тие исти банки, заедно со олигарси од цел свет (Делавер, Кајмански острови), создаваа фондови кои го откупуваа тие заеми за ТРИ ПРОЦЕНТИ од нивната номинална цена, бркајќи ги од дома тие луѓе, продавајќи ги нивните домови за потоа да им ги продаваат на истите банки.
Да повторам, потребнo e да се вклучат екстремно софистицирани финансиски инженери и правници кои се плаќани со огромни пари, за да се создаде ваква „матица на сите корупции.“ Со пари на даночните обврзници.
Помислете на грчките аеродроми. 14 аеродроми, како оние на Санторини и Миконос, аеродроми кои едноставно не можат да остварат големи профити (кој бил на Миконос, знае на што мислам), ги земаа и им ги дадоа на Фрапорт, германска компанија, за нула пари. И после, за време на пандемијата, на Фрапорт му дадовме 180 милиони евра, од пари кои ние сме ги позајмиле од Европската централна банка, не за да ги покријат трошоците за тие аеродроми, туку за профитот кој ќе го направеле ако немало пандемија.
Се согласи ли Европскиот парламент на тоа? Не.
Беа ли прашани? Не.
Им беше ли кажано? Не.
Ама, и да им беше кажано, веќе ќе беа потплатени да тргнат глава настрана“.