
Гаспромбанк не ги открива имињата на 20-те европски купувачи на руски гас но порача дека уште 14 компании од Европа се при крај на комплетирањето на потребната документација за отворање сметка во руска валута.
Европските купувачи со недели пробуваат да најдат начин да ја исполнат наредбата на Путин да го платат рускиот гас во рубљи а истовремено да не ги нарушат санкциите на Европската унија воведени поради инвазијата на Украина.
Понудениот механизам подразбира клиентите да отворат две сметки во Гаспромбанк: една во странска валута и една во рубљи. Полска и Бугарија нејќеа па кон крајот на април Гаспром им го секна гасот.
Русите тврдат дека овој механизам не се коси со наметнатите правила бидејќи конверзијата на валутата се одвива автоматски, без учество на руската централна банка која е под санкции.
Така мисли и италијанскиот премиер Марио Драги.
„Повеќето од увозниците на гас веќе имаат отворено сметки во рубљи во Гаспром,“ рече тој нафрлувајќи информација дека најголемиот германски увозник на руски гас веќе има платено во руска валута.