Бордот на директори на ЛВМХ неодамна по „серија настани кои ја поткопуваат аквизицијата“, реши да се откаже од купување на Тифани.
До пред пандемијата ова беше најголемиот договор во историјата на индустријата за луксузни производи. Како што удри пандемијата, кај нив тоа резултираше со очекуван пад на приходите од 35%, и се проценува дека дури во 2022-23 приходите ќе се вратат на нивоата од 2019.
ЛВМХ ова никаде не го споменува како директна причина за откажување, но затоа наведува дека добиле писмо од француското министерство за надворешни работи во кое од нив се бара одложување на аквизицијата на Тифани за после 6 јануари 2021, а како причина за тоа е наведена заканата за дополнителни тарифи од САД на француските производи. Тие навеле дека и Тифани побарале одложување на рокот за потпишување на договорот од 24 ноември на 31 декември.
Тифани ништо од ова не го занима и на суд во Делавер, каде што е регистрирана компанијата, тие бараат француската групација да се држи до она што до тогаш е договорено.
Инаку уште во јуни годинава целата работа почна да изгледа килава откако првиот човек на ЛВМХ, Бернар Арно, почна да бара начин за нови преговори за цената со Тифани заради пандемијата и штетата што индустријата ја има претрпено од истата.
Целиот договор требаше да се затвори на 24 август, меѓутоа беше одложен за три месеци за зделката да добие одобрување од Европската комисија и останатите анти-монополски власти.