Шведска нема кеш

Не постои земја на светот која толку брзо се ослободува од кешот како начин на плаќање како Шведска. Во 2018 година само 13% од луѓето се фатиле за пара кога нешто плаќале. Ситно нема ни во јавни вецеа.

Денес се само 13% а во 2010-та година 40% од Швеѓаните користеле кеш во секојдневни финансиски трансакции. Во главниот град повеќето луѓе не можат ни да се сетат кога по џебовите им тропкале парички или им се гужвале банкноти. Колку за  контекст; во САД бројот на луѓе кои се потпираат на плаќање во готовина е околу 70%.

Швеѓаните плаќаат главно со картички, онлајн или преку нивната најпопуларна апликација Свиш. Во земјата ретко може да се најде и јавно веце во кое во кеш ќе можете да платите 60 денари, колку што вообичаено изнесува услугата.

Ваквиот тренд ги натера и Икеа да го направат својот продажен објект во градот Гавле потполно кеш-фри. Со ова експериментираат и други продажни ланци во земјата.

Бидејќи плаќањето на картичка штеди време за броење и враќање пари, ретко кој се буни. Единствено жалат ранливи категории како што се пензионерите и мигрантите кои не се највешти во употребата на дигиталните методи.

Сомничавост кон комплетно безготовинско општество се шири и по една друга линија, како претпазливост дека не мора на државата и системите толку слепо да им се верува баш во сè.

 

12 февруари 2019 - 19:02