Американскиот завод за статистика има список од 11.741 хиерархиски категории на производи. Математиката што ја прави Кварц, се базира на два фактори: колку пари САД и плаќаат на Кина за овие производи, и колкав дел од вкупниот увоз на одреден производ доаѓа од Кина. Инаку ова се два критериуми што се користат при утврдување на производи и категории на кои се додаваат дополнителни давачки при влез во САД.
Така на пример САД, речиси комплетно зависи од Кина во увоз на ЛЕД сијалици. Во 2017 94,11% од сите ЛЕД-ови увезени во САД биле од Кина, со вкупна вредност од 1,48 милијарди долари. Слична зависност има и кај печатените честитки, кои во 2017 биле увезени во вредност од 426,28 милиони долари, или 93,72% од целиот увоз.
Најголем дел од потрошувачката оди на производи од групата „електрична машинерија и опрема“ кои само во 2017 биле увезени во вредност од 147 милијарди долари. Од овие пари 71 милијарда се за смартфони и слични уреди.
За „машинерија и механички апарати“ Кинезите имаат наплатено речиси 110 милијарди долари. Од нив, Американците само тастатури имаат увезено во вредност од 730 милиони долари, што е речиси 93% од целосниот американски увоз на оваа категорија.
Играчки, игри и спортска опрема е 4-та категорија по потрошувачка, по мебел и осветлување, со вкупен цех од 25,5 милијарди долари.
На 5-то место е пластика и производи од пластика, која САД ја имаат увезено од Кина во вредност од 16,3 милијарди долари.
На границата од милијарда долари (1,13) е категоријата однапред подготвен зеленчук, овошје, јатки или растенија. Последни на списокот од десетици категории се олово и производи од олово кои во 2017 биле увезени во вредност од 4,47 милиони долари.