Иако Омникон е нешто поголем од Публицис, во новата компанија двете добиваат рамноправен дел. Во следните 30 месеци фирмата ќе биде водена од двоецот Џон Врен (60) од Омником и Морис Леви (71) кој е на чело на Публицис цели 26 години.
Од спојувањето се очекува зголемување на приходите на двете досегашни компании кои лани вкупно заработија 22.7 милијарди долари, многу повеќе од 16-ти милијарди на лондонскиот WPP кој е актуелен светски лидер во адвертајзинг индустријата.
Доколку новиот конгломерат мине низ државните антимонополски филтри, под тој чадор ќе се сместат и досегашните мрежи на двете фирми - BBDO, DDB, Saatchi & Saatchi и Leo Burnett.
Новата фирма очекува спојувањето да ѝ донесе заштеда од 500 милиони долари а иднината ја гледа во развојот на дигиталниот адвертајзинг и новите пазари како што е Африка.
Дајвид Џонс од францускиот конкурент на Публицис, Havas, вели дека адвертајзинг индустријата е опседната со окрупнувања и купувања други фирми иако во дигиталниот свет, големината е дискутабилна категорија. Тој потсетува на Инстаграм кој има само 32 вработени а 140 милиони корисници или Фејсбук кој држи само 5.000 луѓе да опслужуваат преку милијарда корисници.
Публицис се смета за една од националните гордости на Франција и засега владата на Оланд не се произнела за спојувањето на нивната адвертајзинг икона со Американците. Лани таа се обиде да го спречи купувањето на францускиот видео портал DailyMotion од страна на Јаху. Но, Леви е еден од најмоќните француски бизнисмени кој негува добри односи со сите владини екипи иако самиот беше во центарот на политичките препукувања во претседателските кампањи поради неговата годишна плата од 16 милиони евра.