Во првиот квартал од годинава состојбата на владината сметка во централната банка беше зголемена за 19 милијарди долари, а Саудиска Арабија пријави суфицит од 15 милијарди.
Праксата до сега беше секој неочекуван екстра профит да се смести или во странски резерви или да се депонира во локалните банки.
Новата одлука, според министерот за финансии, Мухамед ал-Џадан, е дека парите нема да се трошат се додека владата не ги наполни резервите кои беа испразнети во 8-те години ниски цени на горивото. Дури потоа дел од кешот ќе се искористи за исплаќање на некои од долговите, плус вложување во државните инвестициски механизми, како Јавниот фонд за инвестиции и Националниот фонд за развој, кој работи на домашната инфраструктура.
Според Блумберг, ова објаснува зошто ќарот од нафтата до сега не се одрази на економијата на најголемиот извозник на нафта во светот.
Доколку цените на нафтата останат над 100 долари за барел, очекувањата се дека Саудиска Арабија годинава од извоз на нафта ќе заработи 287 милијарди долари.