Очекувањето е дека дел од профитот, како и цел данок што ќе се плати на заработувачката, ќе бидат префрлени од ЕУ во Киев, а дел ќе се задржи на Западот како заштита од очекуваниот руски контраудар на која било европска мерка што ќе задира во замрзнатите средства или каматите од истите.
Околу 70% од сите замрзнати руски средства, или некои си 190 милијарди евра во хартии од вредност и кеш, се заглавени во белгискиот депозитар Еуроклиар.
„Во моментот кога војната ќе заврши и сите спогодби ќе бидат направени, сите пари кои беа привремено задржани исто така ќе бидат префрлени во Украина. Меѓутоа ни треба значителна сума да остане и во Еуроклиар... бидејќи Еуроклиар ќе се соочи со многу побарувања,“ изјавува неименуван функционер за Ројтерс.
Се очекува дека побарувањата ќе дојдат од руската Централна банка, преку руските судови кои не ги признаваат западните санкции, и која најверојатно ќе ги присвои 33 милијарди евра што Еуроклиар ги чува во депозитарот во Москва.
Русија би можела да потегне правна постапка за запленување на парите што Еуроклиар ги чува во депозитари во Хонгконг и Дубаи. Еуроклиар треба да се брани и од побарувањата на Западни банки кои ги изгубија своите пари инвестирани во Русија.
Ако на Еуроклиар му снема капитал тогаш белгиската централна банка ќе треба да ја повлече неговата лиценца што ќе предизвика глобална финансиска криза бидејќи Еуроклиар е одговорен за средства во вредност од 37 илјади милијарди евра.