Поранешната г-ѓа Безос се има истурено од донирање пари

Како што нејзиното богатство (базирано на акциите во Амазон) незапирливо продолжува да расте во ковид-19 така Мекензи Скот (до пред некое време Безос) најбогатата жена на светот, незапирливо продолжува да троши пари во добротворни цели.

Во изминатите 4 месеци Скот има донирано над 4,1 милијарда долари на 384 организации низ САД. Дел од парите одат за „банки за храна, итна помош и поддршка за најранливите“, а други за подолгорочно олеснување на системските нееднаквости „отплаќање долгови, обука за вработување, кредити и финансиски сервиси за заедниците што немаат доволно ресурси, образование за историски маргинализираните лица, поборници за граѓански права“.

Во текстот што го објавува на Медиум, Скот пишува дека првично за парите аплицираат 6.490 организации, од кои 822 влегуваат во втор круг. Од нив 438 не обезбедуваат докази дека нивните проекти имале доволно влијание во минатото, или имале недокажани менаџерски тимови, или не дале одговор на конкретни прашања како третирање на членовите на заедницата или на своите вработени.

Претходно во јули таа објави дека во првата половина на годинава има донирано 1,7 милијарди долари, со што годинава ќе ја затвори со донации од вкупно 6 милијарди долари.

„Пандемијата беше разорувачка за животот на Американците кои и претходно беа заглавени. Економските загуби и здравствените последици беа потешки за жените, не-белата популација и за луѓето кои живеат во сиромаштија. Во меѓувреме, пандемијата значително ги зголеми богатствата на милијардерите,“ пишува Скот, чиј поранешен сопруг е најбогатиот човек на светот.

Богатството на Скот годинава порасна за спектакуларни 23,6 милијарди долари и изнесува 60,7 милијарди долари, исклучиво благодарејќи на растот на вредноста на акциите што ги доби во разводот од Џеф Безос.

Богатството на Безос, кој задржа три-четвртини од акциите, годинава порасна за 70 милијарди долари, достигнувајќи вкупно 185 милијарди долари.

16 декември 2020 - 10:36