Нека му е лесен пасворд

"Менувачница" на криптовалута соопшти дека не може да исплати 190 милиони долари на нејзините клиенти. Затоа што сопственикот починал. И со себе во гроб ги однел лозинките.

Канадска крипто менувачница призна дека не може да го исплати поголемиот дел од 190-те милиони долари колку што во во криптовалути имаат кај нив нивните  клиенти откако основачот на фирмата неочекувано починал на патување низ Индија. 

30 годишниот Џералд Котен бил единствениот човек кој ги знаел пасвордите од „ладниот сеф“, каде што била чувана вредноста. Ладен сеф е термин кој се користи за да се означи офф-лајн место (УСБ, хартија) кое не е на сервер и каде што обично се чуваат поголеми резерви криптовалути за да се спречат хакери со еден упад на сервер да дигнат огромна свота пари. 

Вдовицата вели дека го поседува лап-топот на Џералд но никогаш не ги знаела пасвордите а најмен експерт не успеал да ја пробие енкрипцијата.

Уште во 2017 година, Волстрит Журнал пишуваше дека за разлика од стандардните берзански размени кои само ги овозможуваат трансакциите, крипто размените се уникатно ранливи бидејќи ги складираат валутите за нивните клиенти. Досега типичен ризик поврзан со оваа практика беа хакери и друг вид сајбер-криминал, отсега над глава ќе виси и опасноста оној кој ги знае лозинките да почине и да ги однесе со себе во гроб.

Башка што дел од засегнатите се сомневаат дека Котен воопшто е починат, ама, оди најди го во Индија.

6 февруари 2019 - 08:09