Милијардер го тужи криптото на Трамп

Милијардерот Џастин Сун кој вложи милиони долари во криптобизнисите на семејството Трамп, сега ја тужи платформата Ворлд Либерти затоа што му ги замрзнала токените и се заканува дека ќе му ги „изгори“ виртуелните 320 милиони долари, ако не инвестира уште пари. Ако името Џастин Сун ви звучи познато, тоа е типот што изеде банана од 6 милиони долари.

Тужителот Сун е најголем инвеститор во платформата WLFI, чии коосновачи се Доналд Трамп и неговиот син Ерик. За сума од 45 милиони долари купил 3 милијарди токени, а откако бил именуван за советник во одборот, добил уште 1 милијарда. Неговото портфолио од 4 милијарди WLFI токени достигнало вредност од околу 320 милиони долари, според пресметките на Ројтерс.

Во тужбата поднесена до федералниот суд во Калифорнија тврди дека компанијата тајно инсталирала алатки за да го спречи да ги продава сопствените токени откако тие станале достапни за тргување во септември 2025 година. Ворлд Либерти се заканила и дека трајно ќе ги избрише средствата од неговиот заштитен дигитален паричник.

Ворлд Либерти е најистакнатиот од неколкуте профитабилни крипто бизниси ко-основани или контролирани од семејството Трамп, кое веќе заработило повеќе од 1 милијарда долари од WLFI. Статутот на Ворлд Либерти наведува дека 75% од приходите од продажбата на токени се пренасочуваат кон семејството Трамп. Ворлд Либерти е под зголемен надзор од некои од неговите инвеститори, кои со месеци се жалат на „нетранспарентност на компанијата, централизирана структура на управување и одбивање да одговори на поплаките од заедницата“.

Откако Трамп лани се врати во Белата куќа, воведе низа политики во интерес на криптовалутите и токените. Наспроти спорот, Сун тврди дека останал „страствен поддржувач“ на Трамп и неговиот став за криптовалутите, но го обвини ко-основачот на Ворлд Либерти дека тоа го користат како „златна можност да го злоупотребат брендот за профит преку измама“.

Сун во тужбата тврди дека претставниците на Ворлд Либерти постојано му вршеле притисок да инвестира уште пари во проектот, да се обврзе да вложи уште 200 милиони долари во посебен токен и да купи повеќе акции во компанијата.

Се обидов со добра намера да ги решам споровите, но нивниот тим ги одби барањата за одмрзнување на моите токени и за враќање на моите права како сопственик, вели Сун.

Милијардерот категорично го отфрла и новиот предлог од компанијата за ограничување во тргувањата до 2030 година (една година откако ќе му заврши вториот претседателски мандат на Трамп), но поради замрзнувањето на средствата го изгубил правото на глас, иако е еден од најголемите инвеститори.

Сун се „прослави“ во 2024 година кога купи уметничко дело од Маурицио Кателан, а потоа го изеде.

Единственото нешто што е посмешно од оваа тужба е трошењето 6 милиони долари за банана залепена со селотејп на ѕид, изјави Ерик Трамп.

23 април 2026 - 08:22