Мерцедес му се враќа на бензинот

Мерцедес-Бенц за пет години ги одложи своите таргети за електрификација на својата автомобилска ергела и ги увери инвеститорите дека ќе продолжи да ги усовршува моделите на мотори со внатрешно согорување. Тоа е само последниот производител на автомобили што призна дека имале преголем и преамбициозен апетит за автомобили на батерии.

По најново, компанијата сега очекува продажбата на електрифицирани возила, вклучително и хибриди, да изнесува до 50% од вкупниот број до 2030 година - пет години подоцна од нејзината прогноза од 2021 година, кога имаше за цел да ја достигне пресвртницата од 50% до 2025 година.

Производителите на автомобили и добавувачите многу се обложуваа на идната побарувачка за електрични возила, но инвестициите во капацитетот и развојот на оваа технологијата ја надминаа реалната побарувачка за електрични коли, што ги натера производителите на автомобили да ги прилагодат плановите и да ги направат поскромни.

Извршниот директор Ола Каелениус предупреди кон крајот на минатата година дека дури и во Европа, продажбата најверојатно нема да биде како што се очекуваше до 2030 година, со тоа што автомобилите на батерии во моментов сочинуваат само 11% од вкупната продажба, а 19% вклучувајќи ги и хибридите.

Каелениус рече дека Мерцедес сака клиентите и инвеститорите да знаат дека е добро позициониран во производство на стандардни автомобили и е подготвен да ја унапредува технологијата во следната деценија.

По ваквите пораки, акциите им пораснаа за 5,9%.

 

24 февруари 2024 - 12:48